Средба на министерот Ивановски со ССК

Скопје, 04 март 2011

Сојузот на стопански комори (ССК) денеска ги поздрави најавените измени на законот за јавна администрација, изразувајќи надеж дека нашето општество ќе добие услужна и задоволна администрација.

„Апелирам до јавната администрација да не се плаши од овој закон. Законот не се воведува за лошо, тој е за развој и ние го карактеризираме како револуција во јавната администрација“, изјави претседателот на ССК, Златко Калеников, по денешната средба со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски .

 

Тој оцени дека сите фактори треба да даваат импути до ресорното министерство во насока на подобрувањето на работата на јавната администрација, затоа што целото општество има интерес да добие услужна администрација, која што и ќе биде задоволна од својата работа.

 

„За нас е важно администрацијата да биде агилна и експедитивна, а процедурите да бидат олеснети. Побаравме да има систем на наградување за оние кои што се вредни и да биде ригорозна во оние делови каде што службениците нема да ги исполнат обврските“, рече Калеников.

 

Министерот Ивановски подвлече дека законските измени се прават со цел Македонија да добие деполитизирана и стручна администрација.

 

„Како Влада правиме се што можеме администрацијата да не биде толку оптоварена со секојдневните случување, туку услужно да биде ориентирана за граѓаните и бизнис секторот“, изјави Ивановски.

 

Според него, драгоценото време кое што досега бизнисмените го губеле за да завршат некоја работа во институциите е минато и тие ќе може повеќе да бидат фокусирани на производството и развојот на нивните бизниси.

 

На забелешката дека одредени партиски комитети добиле инструкции за вработување, Ивановски рече дека не е информиран за такво нешто, но напомена дека само лицата што ќе ги исполнуваат дадените услови ќе имаат шанси да дојдат до работното место.

 

Повикувајќи се на информации од министерството за финансии, кое што е одговорно да дава согласности за вработувања, Ивановски рече дека бројката на вработени во јавната администрација изнесува 95.000.