Доделени награди за иновации во наставата и користење технологија

Скопје, 30 март 2011

Најкреативните наставници и училишта во Македонија во користењето технологија и иновациии во наставата, денеска беа наградени од корпорацијата Интел.

Во програмата, која почна во ноември 2010,  учествуваа над 400 одделенски наставници и 137 основни училишта, а награди добија девет наставници и осум училишта од исто толку региони во земјава.

 

Првата награда на национално ниво ја доби ОУ „Илинден“ од Крива Паланка и наставникот Добри Јовевски. Тој и неговата училиница  беа наградени со Classmate персонален компјутер.
Тој посочи дека работи во рурална средина, во кривопаланечкото село  Конопница и успеал на неговите ученици да им го доближи светот преку компјутерот и со користење на современата технологија. На конкурсот на Интел учествувал со проект од предметот Општество - креирање симбол на нивнто одделение со помош на компјутерски алатки.

- Направивме дигитални продукти кои можеа и учениците и родителите, но и моите колеги, да ги гледаат, да учат и да ги подобруваат своите работни вештини во училницата..., рече Јовевски.

 

Покрај „Илинден“, признанија добија и основните училишта „Кирил и Методиј“ од Кочани, „Климент Охридски“ од Битола, „Рилиндија“ од Тетово, „Вера Јоциќ“ од Скопје, „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, „Ванчо Николески“ од Охрид и  „Блаже Конески“ од Велес и наставници-иноватори од „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип, „Коле Канински“ од Битола, „Кирил и Методиј“ од Тетово, „Кирил и Методиј“ од Скопје, „Петар Поп Арсов“ од Скопје, „Манус Турновски“ од Ново Село, „Климент Охридски“ од Струга и „Даме Груев“ од Градско.

 

Наградите им ги врачија министерот за информатичко општество Иво Ивановски и претставникот на корпорацијата Интел Андреја Јауковиќ.

Министерот Ивановски рече дека е изненадувачки позитивен одѕивот на наставниците што учествувале на конкурсот и оти тоа се резултатите од  проектот „Компјутер за секое дете“, кој во изминатите четири години опфати набавка на компјутери за средните и основните училишта и лаптопи за наставниците, работни станици, апликации за Е-содржини...

 

- Големо е задоволството кога иднината на Македонија од најмали нозе почнува да ги користи компјутерите во секојдневниот живот. Со оваа инвестиција, Владата вложува во иднината на Македонија, рече Ивановски.

Информираше дека според последниот извештај на ОН за пропорционалност  ученик - компјутер во образованието на листата од  20 развиени европски земји  прва била Шведска со сооднос 3 ученици на еден компјутер.

 

- Минатата година Македонија стана лидер во светот со сооднос 1,4 на еден, рече Ивановски посочувајќи дека е лидер и во регионот зашто во Албанија соодносот е 29, во Босна и Херцеговина 32, Хрватска 10, Србија 26, Црна Гора 16, Косово 270.

 

- За разлика од регионот, основните и средните училишта во Македонија имаат и пристап до широкопојасен интернет... Македонија и Црна Гора се единствени земји во регионот во кои постојат задолжителни наставни содржини од областа на информатичко-комуникациски технологии во сите нивоа на образованието, додаде Ивановски.