Оценка на ефектите од регулативите врз животот на граѓаните

Скопје, 05 април 2011

Со нови, зголемени надлежности во областа на модернизација на јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е носител на административната реформа. Поради тоа што реформата претставува динамичен процес кој се одвива на повеќе нивоа, потребно е постојано надградување на државните службеници кои работат на проблематиката поврзана со креирање на политики и воспоставување на правна основа за превземените надлежности. За таа цел, државните службеници од МИОА, со поддршка на проектот Градење на капацитети за ЕУ интеграции, зедоа учество на работилница на тема „Проценка на влијанието на регулативата (РИА)“.

 

Настанот се одржа на 28 - 29 март 2011 година, а го спроведе Британска консултантка поранешна директорка на Канцеларијата за подобра регулатива во Велика Британија, со долгогодишно меѓународно искуство поврзано со воведување на регулаторни реформи.

Целта на работилницата, беше зголемување на капацитетите на државните службеници одговорни за спроведување на Проценка на влијанието на регулативата во рамките на министерството, а и пошироко во државната служба.

 

На работилницата се разговараше за важноста од проценката на влијанието на јавните политики и регулативите како значајна процес кој не поттикнува да размислуваме низ призма на последиците и на ефектите од определени одлуки а со тоа и да го подобриме нивниот квалитет .

Учесниците имаа можност и да се запознаат и со алатките со кој се анализираат економските, социјалните влијанија и влијанија од областа на животната средина, низ оценка на придобивките и трошоците, притоа користејќи ги искуствата и мислењата од сите релевантни актери со што се обезбедува транспарентност и отчетност при носењето на одлуките и на регулативите.

 

Воедно на обуката беа посочени и искуствата на земјите членки на Европската унија од последното проширување, кој покажуваат дека проценката на влијанието на регулативите е особено значајна во процесот на приближувањето кон законодавството на ЕУ, помагајќи во приоретизирање на подрачјата и на поглавјата во процесот на имплементација на Аcquis, во подготовка на позициите на државата преку дефинирање на транзициски период неопходни земјата да се прилагоди на новините и секако во процесот на оценување на влијанијата на регулативите врз Владиниот буџет.

 

На работилницата особено внимание се посвети на процесот на консултации преку активното вклучување на засегнатите страни во сите фази на подготовката на регулативата, со што се подобрува предвидливост, транспарентност и отеченоста при донесување на новата регулатива и при измени на постојната.