Министерот Иво Ивановски предложен за претседател на GAID

Скопје, 05 април 2011

Министерот за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија, г-дин Иво Ивановски е предложен за претседател на Глобалната алијанса на Обединетите нации за информатички и комуникациски технологии и развој -GAID (Global Alliance for Information and Communication Tehnologies and Development). Иницијатива поддржана од генералниот секретар на Обединетите нации, воведена во 2006 година по сеопфатни консултации на влади, компании, академски средини и интернет асоцијации.

 

Станува збор за влијателна програма која има за цел подобро искористување на комуникациите и информатичката технологија во борбата против сиромаштијата, неписменоста, гладта, заштитата на природната околина и заштитата на децата, а дека образованието е основа за постигнување подобар живот за сите. Резултат на искрено партнерство на Обединетите нации, владите низ светот, компаниите и академските институции и нивната силна желба за помош на најзагрозените категории на луѓе.

 

Членови на Управниот одбор на GAID се претставници на највлијателните компании во светот и високи владини претставници, а за претседател се именува лице за кое се смета дека има личен капацитет и потенцијал да придонесе во развојот на оваа инцијатива.

За Македонија како земја која особено внимание посветува на развојот на информатичкото општество и поставување на темелите на транспарентна, ефикасна и стручна администрација, ова именување претставува големо признание.  Истовремено отвора можности за подлабоко инволвирање во програмите на оваа иницијатива и искористување на бенефитите.

 

Самиот факт што Македонија во октомври 2011 година ќе биде и домаќин на следниот Глобален форум на GAID на кој присуствуваат дел од највлијателните луѓе во светот, претставува одлична можност за промоција на Македонија во пошироки рамки.