Даночни неправилности и корупција ќе се пријавуваат и по електронски пат

Скопје, 07 април 2011

Пријава за неиздадена фискална сметка, корупција, затајување данок или за непрофесионално однесување на вработените во јавната администрација ќе може да се поднесе по електронски пат преку интернет страницата на Управата за јавни приходи.

- Лицето кое пријавува неправилност ќе има можност да остане анонимно, а УЈП ќе постапува електронски по добиените пријави преку веб локацијата на ист начин како да се добиени во хартиена форма или по телефонски пат, појасни министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на промоцијата на проектот во Контакт центарот на УЈП.


Времето за обработка на поднесените форумулари од страна на институциите ќе биде намалено со тоа што поднесоците ќе бидат достапни за авторизирани корисници од повеќе работни станици.


Со овој проект, истакна Ивановски, ќе се зголеми степенот на софистицираност на електронските улуги, стандард по кој ЕУ секоја година ги оценува сите земји членки на ЕУ и е дел од стандардите кои ги постави македонската Влада за развојот на информатичкото општество.


Статистичките податоци на УЈП покажуваат дека преку телефонската линија 198 и контакт центарот на оваа институција од 2006 до крајот на 2010 се регистрирани 24.330 обраќања на граѓани по основ на неправилности за корупција, неиздадена фискална сметка, затајување данок или за непрофесионално однесување на вработените во администрацијата.


Според директорот на УЈП Горан Трајковски, со воведувањето на електронските формулари за тие неправилности ќе се добијат поквалитетни пријави. За непрофесионално однесување на даночните службеници преку линијата 198 во 2008. имало 108 пријави, во 2009 - 99, а во 2010 - 131 пријава. - Кај 95 проценти од пријавите постапила службата за внатрешна контрола, но секогаш останува број од пет до осум проценти од пријавите кај кои УЈП не може да постапува поради недоволно или невалидни податоци, а за кои во одреден сегмент семетаме дека тие што пријавуваат се сомневаат во можноста да биде заштитен нивниот идентитет, рече Трајковски, истакнувајќи дека новите е-формулари ќе овозможат максимална заштита на личните податоци.
Меѓу таргетите на УЈП се и пријавите за нередовно и неточно исплаќање на бруто платата, каде целтата група е 460.000.


УЈП е една од институциите која ќе биде опфатена со системот на електронски формулари, кој ќе вклучи 20 различни услуги дефинирани според европски критериуми, кои граѓаните и компаниите ќе ги добиваат по електронски пат.