Почнуваат обуките на шалтерските работници за ефикасна и деполитизирана администрација

Скопје, 15 јуни 2011

Министерството за информатичко општество и администрација од денеска почна да ги спроведува обуките за шалтерските работници со кои се очекува да се добие ефикасна, стручна и деполитизирана јавна администрација.

 

Обуките се реализираат во рамки на проектот за реформа во јавната администрација и со нив ќе бидат опфатени шалтерските работници од институциите на централната и локалната власт како што се Фондот за здравство, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Царинската управа, Министерството за внатрешни работи и Управата за јавни приходи. Обуките ќе се спроведуваат во два дела - од 15 јуни до 15 јули и од почетокот на септември. Со првиот дел ќе бидат опфатени 210 вработени на шалтерите.

 

- Шалтерските работници кои се лицето на институциите  и на Владата е потребно да го обучиме во контактот со граѓаните. Токму затоа во овој проект финансиран од Европската комисија почнуваме со првите обуки. Очекуваме дека задоволството кај граѓаните драстично ќе порасне затоа што со новите стандарди и методологии што се воведуваат во земјите од ЕУ за усложно-ориентирана администрација, а се пресликуваат и во администрацијата во Македонија, влијанието коешто ќе се постигне ќе биде позитивно, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

 



Тој очекува дека со обуката ќе се подобри начинот на комуникација со граѓаните и на ефикасно и одговорно работење на администрацијата. - Време е администрацијата да сфати дека таа е финансирана од даноците на граѓаните и оти работи за нив. Тоа е едно од основните начела на оваа обука којашто во моментот се спроведува, нагласи ресорниот министер.

 

Ивановски смета дека воведувањето на уредот за оценување на администрацијата што скоро беше промовиран како пилот проект директно ќе влијае врз кариерата на вработените, односно оти со оценувањето од страна на граѓаните му се дава можност на раководителот на институцијата да ја следи работата на вработените и да донесе одлука на нивно унапредување или не.


- Ќе продложиме да се фокусираме на обуките како еден од многуте столбови за ефикасна, стручна и деполитизирана администрација. Ќе продолжиме со воведување нови системи и мерки каде што ќе може граѓаните да ја оценат работата на административните работници, најави министерот Ивановски.

 

Обуките на шалтерските работници се дел од обуките што надлежното Министерство за информатичко општество и администрација  ги спроведува во својата годишна програма. Во изминатиот период  се обучени над 500 вработени во централната и локалната власт, а до крајот на годината е планирано да се обучат уште вработени во администрацијата