Таксена марка ќе се плаќа преку смарт телефон

Скопје, 05 јули 2011

Административната такса отсега ќе може да се плаќа на брз и едноставен начин преку новата апликација за мобилен телефон што денеска беше промовирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Станува збор за апликација што ја поддржуваат Android, Blackberry i iPhone телефоните која овозможува со само три чекори да се изврши плаќањето. Услугата е достапна за сите граѓани, но и и за студентите кои преку неа ќе може да извршат плаќање на таксените марки.

 

- Со ова Македонија се доближува уште повеќе до развиените европски земји во примената на информатичкото општество и очекуваме дека со наредните апликации што ќе бидат комплетирани во наредните шест месеци ќе бидеме меѓу првите земји во Европската унија, нагласи министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната промоција.

 

Тој апелираше институциите и факултетите да се пријават во Министерството за информатичко општество и администрација за да добијат корисничко име и лозинка и да ги обучат луѓето што од страна на институциите ќе бидат назначени да работат со овој систем и ќе можат да извршат проверка дали трансакцијата е успешна.

 

Ивановски најави дека во тек е и евалуацијата за набавка на системот за електронски документи на граѓаните кој ќе овозможи да се добиваат над 20 документи преку компјутер или телефон.

 

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ е првиот факултет кој го користи овој сервис за електронско плаќањето на таксени марки со мобилен телефон. Овој сервис ќе биде интегриран со сите студентски сервиси за кои е потребно да се платат таксени марки.