Министерот Иво Ивановски го промовираше уредот за оценување на администрацијата од страна на граѓаните

Скопје, 06 јули 2011

Уредот за оценување на администрацијата од страна на граѓаните, го промовираа министерот за информатичко општество и државна администрација Иво Ивановски и директорката на Фондот за здравствено осигурување  (ФЗОМ) Маја Парнарџиева-Змејкова.

 

Во подрачната единица на ФЗОМ во Скопје, каде денеска беше промовиран уредот, граѓаните ќе имаат можност да ја оценат услугата на вработените на шалтерите, преку апаратче на кое може да кликнат дали се задоволни, неутрални или незадоволни.

 

- Овој уред е веќе неколку дена инсталиран во оваа канцеларија. Во моментов има 14 уреди на шалтерите и со тоа се заокружува бројка од 60 шалтери во Македонија кои во овој момент функционираат на овој начин. Од уредите за оценување треба да инсталираме уште 40 во наредните денови. Станува збор за пилот-проект за да ги видиме позитивните страни и негативностите за во иднина да спроведеме голема набавка за секој шалтер и институција, изјави министерот Ивановски.

Со Фондот, како што потенцираше министерот, има неколку заеднички проекти кои се во тек.

 

- Во минатото го презентиравме овој уред во неколку институции. ФЗОМ е една од најпосетените институции од граѓаните и затоа голем акцент во реформата на администрацијата е токму на оваа институција, бидејќи по бројот на посетеност и услуги кои ги дава, Фондот е дефинитивно една од лидерите во Македонија, додаде Ивановски.

 

Според Парнарџиева-Змејкова, ФЗОМ во последно време добива големо внимание од Владата, особено од Министерството за информатичко општество и јавна администрација.

- Имајќи предвид дека сме исклучително обемна и комплексна институција каде фигурираат голем број осигуреници, ова е еден од повеќето проекти кои ФЗОМ со задоволство ги имплементира и преку кој ќе може да се искаже задоволство или незадоволство од комуникацијата со Фондот. Мислам дека на овој начин постојано ќе имаме поттик да се подобруваме и реформираме, рече Парнарџиева-Змејкова.

 

Во последните неколку дена, 1.400 граѓани во подрачната единица на ФЗОМ го искористиле уредот за оценување. Според резултатите, 80 проценти од граѓаните се задоволни од услугата, додека 4 отсто не се задоволни од услугите на одредени шалтери.