Државата обезбеди обука за 180 невработени лица

Скопје, 09 септември 2011

До крајот на годинава 180 невработени лица ќе имаат можност да поминат специјализирани, напредни обуки за работа со компјутери.
Конкурсот трае до 15-ти овој месец, а право да аплицираат, освен високообразовани, имаат и кандидати со завршено средно школо независно од возраста.

 

Како што најавија денеска министрите за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација, Спиро Ристовски и Иво Ивановски, пријавените ќе можат да стекнат сертификати за систем администратори, програмери на дата бази и на софтвер апликации, циско нетворк инженери, одржување и основни познавања на компјутери.
- Во денешно време не е битно да се има само диплома. Потребно е знаење, стручност и компетентност, истакна министерот Ивановски.

 

Обуките ќе се финансираат со 15 милиони денари од државниот Буџет, а ќе траат од три до шест месеци. Тестовите за прием што треба да се положат не се тешки, но бараат, рече Ивановски, основни познавања од информатичката технологија, одржувањето компјутери и одредени апликации.

Канидатите кои нема да влезат во предвидените 180, ќе може да се јават на следниот конкурс што ќе го објави Агенцијата за вработување. Услов ќе биде да се минимум една година пријавени како невработени. Овие обуки ќе бидат финансирани со средства од ИПА фондовите.

 

Лани, откако беше согледан дефицитот на ИТ кадри во земјава, специјализирани обуки поминаа 75 лица. Половина добија сертификат, а од нив 30 отсто се вработија.

 

- Владата ќе продолжи со имплементација на активните мерки за вработување, со ревидирање на постојните и подготовка на нови мерки кои ќе продуцираат зголемен интерес и кај невработените и кај компаниите. Тоа ќе овозможи соодветен одговор на барањата на пазарот на трудот, нагласи министерот Ристовски.