Ивановски: Очекуваме позитивен извештај за администрацијата

Скопје, 13 септември 2011

Очекуваме позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија во делот на реформите на јавната администрација, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Напредокот во тие реформи, по забелешките што беа упатени минатата година од Брисел, ќе го анализира специјалната група на Европската унија која го следи прогресот на Македонија во реформите во јавната администрација, при посетата во државава во четврток и во петок, информира Ивановски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на новиот систем за управување на Државниот управен инспекторат.

 

Според Ивановски, забелешките се широки, на дел од нив со оглед на краткиот период е одговорено и се направени коренити измени, но постои и поглавје за кое треба подолго време. - Тоа го укажува и Европската комисија. Периодот од јануари до септември е доста краток за која било земја да одговори по една од тие забалешки, рече Ивановски, посочувајќи оти резултатите ќе бидат соопштени по посетата на специјалната група, а ќе се видат и во октомврискиот извештај.

 

- Наше очекување е дека дефинитивно извештајот на Европската комисија ќе биде позитивен во однос на напредокот на реформата на администрацијата. Реформата на администрацијата е обемна задача, а Македонија е една од првите земји во регионот која се нафати да направи ваква коренита измена и тоа е јасно во Европската унија и во Европската комисија, каде не очекуваат дека тоа може да се направи преку ноќ, наведе Ивановски. Потсети и на неодамнешната поддршка од еврокомесарот Штефан Фуле до Владата за направените ангажмани со цел да се направи коренита измена во функционирањето на администрацијата.

 

Ивановски информира и дека привршува пополнувањето на регистерот за јавни службеници. Останале уште неколку институции кои треба да го завршат пополнувањето на регистерот, по што, според Ивановски, за брзо време секој граѓанин ќе може да види во која институција колку има вработени.

Новиот менаџмент информациски систем што е применет во Државниот управен инспекторат е дел од реформите на администрацијата кој треба да ја зголеми ефикасноста на управните инспектори и квалитетот на услугите за граѓаните. Како и останатите државни службеници и управните инспектори двапати годишно ќе бидат оценувани од раководството. Со новиот систем и директорот на Државниот управен инспекторат и министерот за информатичко општество и администрација ќе можат да следат колку квалитетно се изработени извештаите на инспекторите. Во насока на зголемување на ефикасноста се и последните измени на повеќе закони кои предвидуваат глоби за инспекторот, но и за директорот и за министерот, ако не преземат мерки за ефикасноста на неговата работа.

 

- Тоа значи дека со овој систем се воведува контрола со која ќе се подобри квалитетот на работата на инспекторите, кои долго време се во управната инспекција и се со голем професионален ангажман. Ќе се воспостави систем со кој ќе може постојано да се следи како се работи на терен затоа што Државниот управен инспекторат има канцеларии во повеќе градови во Македонија, рече Ивановски.

 

Со оглед на обемот на работа на управниот инспекторат Ивановски смета дека може да се зголеми бројот на вработени. Веќе се преземени мерки со кои во најскоро време ќе се одобри вработување во Државниот инспекторат со цел да се добие поквалитетна и поефикасна институција и да се одговори на барањата од Европската унија, најави Ивановски.

 

Новиот софтвер во менаџмент информацискиот систем на Државниот управен инспекторат е финансиран од Светската банка.