Ивановски: Maкедонија - балкански лидер во информатичките технологии

Скопје, 14 септември 2011

Македонија е предводник во развојот на информатичкото општество во регионот, не само со проектите на Владата, туку и како резултат на соработката на академската фела со приватниот сектор. Нивната соработка треба да се зголемува што повеќе бидејќи на бизнисот му е потребно образовните институции да произведуваат квалитетни кадри кои ќе можат веднаш да се вклучат во работната сила во Македонија.

 

Тоа го истакна министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски на отворањето на третата Меѓународна научна конференција за ИКТ-иновации 2011 што се одржува од денеска во Скопје, во организација на Македонската ИКТ-асоцијација.

Во наредните два дена домашни и странски ИКТ-експерти ќе се претстават со свои трудови. Од пријавените научни трудови од 120 автори од 15 држави најдобрите ќе бидат публикувани во зборник преку издавачката куќа „Шпригер“.

 

Според Ивановски, по измените на Законот за високо образование во Македонија со кои се предвидува секој професор да објавува трудови, бројот на таквите дела е се поголем. Тоа, според него, е доказ оти ИКТ-индустријата и македонските академски институции имаат одлични професори и експерти кои подготвуваат трудови ценети и во Европа.

 

- Трудовите кои излегуваат секоја година се прифаќаат во светски реномирани влијателни списанија и интересот се повеќе се зголемува, посочи Ивановски

Тој очекува на конференцијата македонските експерти со своите трудови уште еднаш да докажат дека Македонија има капацитет да биде земја на информатичари и високо развиено информатичко општество кое ќе биде двигател на економијата.

 

- Најдобрите работни места во 2010 година во ИКТ-индустријата воопшто не беа измислени во 2006 година. Тоа што Академијата сега треба да го учи е нешто врз основа на кое во иднина треба да се креираат нови работни места, укажа министерот за информатичко општество, порачувајќи оти брзите промени во технологијата бараат надградба во секојдневниот живот.
Конференцијата на ИКТ-иновации се одржува во пресрет на отворањето на новиот Факултет за информатички науки и компјутерски инженеринг (ФИНКИ), предвидено за задутре.

 

Интересот за овие студии, според министерот Ивановски, е голем. Се пријавиле огромен број студенти, многу повеќе од квотата.

- Тоа е доказ дека со владината одлука за отворање на факултетот е направен вистински чекор. Најдобрите професори од Природноматематичкиот факултет и од Електротехничкиот факултет ќе предаваат во еден нов факултет кој ќе придонесе студентите во Македонија да се стекнуваат со многу поквалитетно високо образование со кое ќе можат да бидат поконкурентни на пазарот на работната сила, рече Ивановски