Конкурс за бесплатна обука на граѓани за работа со компјутери

Скопје, 05 декември 2011

 

Со цел да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за обука за користење на програми за кацелариско работење и користење на интернет, посебно на тие од социјално загрозените групи, а воедно и за да се обезбеди поголема искористеност на можностите што ги нудат бесплатните интернет клубови во државата, Министерството за информатичко општество и администрација организира бесплатна обука за работа со компјутери.

 

Обуката е поделена на два тематски модули кои може да се посетуваат независно еден од друг, и тоа:

  • МОДУЛ 1: Програми за канцелариско работење (основи на концептот на ИКТ, управување со фајлови, word, excel, power-point), и
  • МОДУЛ 2: Користење на интернет (Веб пребарувач, електронска пошта, Skype, форум и блог).

 

План за реализација на обуката: Модулите ќе се спроведуваат во 4 одделни сесии, во текот на 4 седмици (Модул 1- секој вторник и Модул 2- секој четврток), при што секоја сесија ќе трае 1 час и 30 минути или 2 школски часа (1 школски час од 45 минути).

 

Обуката ќе се повтори во циклус од 12 месеци во текот на 2012 година, започнувајќи од месец јануари 2012, во секој од 22-та бесплатни интернет клуба во Република Македонија (Скопје, Битола, Тетово, Охрид, Прилеп, Гостивар, Кичево, Неготино, Куманово, Кочани, Кавадарци, Штип, Свети Николе, Дебар, Радовиш, Гевгелија, Крушево, Македонски Брод,  Демир Капија, Крива Паланка, Кратово и Ресен).

 

Во градовите во кои најмалку 20% од граѓаните се од албанска националност, обуката освен на македонски, ќе се спроведува и на албански јазик.

 

Начин на пријавување: Министерството ги повикува сите заинтересирани граѓани да се пријават, со доставување на следните податоци:

  • Име и презиме,
  • Дата на раѓање,
  • Адреса на живеење,
  • Телефон за контакт,
  • Назнака за кој модул е заинтересиран кандидатот (Програми за канцелариско работење или/и Користење на интернет)
  • Назнака за кој интернет клуб е заинтересиран кандидатот.

 

Заинтересираните кандидати својата пријава да ја достават на следната адреса: Министерство за информатичко општество и администрација, бул. „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ бб, 1000 Скопје, со назнака: Бесплатна обука во интернет клубови”, или да се пријават усно на телефонскиот број 15111, секој работен ден до 16:30 часот.

 

Сите граѓани кои ќе пројават интерес ќе бидат вклучени  во бесплатната обука, а дополнително ќе бидат известени за нивниот термин за учество на обуката. Се молат граѓаните кои што веќе се пријавиле да не се пријавуваат повторно.