Министерот Ивановски и амбасадорот Бергант одржаа предавања за Европската унија

Битола, 16 октомври 2008

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски и словенечкиот амбасадор Алан Бергант, денес пред учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола одржаа предавање на тема „Учиме за ЕУ“.

- Спроведувањето на оваа програма се покажа како успешно. Почнавме со средните училишта, а презентациите ги проширивме и во факултетските средини, се со цел да им овозможиме на граѓаните да се запознаат со Европската унија, но и да ги подготвиме за да Македонија биде рамноправна и конкурентна членка која нема да заостанува како што тоа им се случи на новопримените членки во ЕУ, изјави министерот Ивановски.

Амбасадор на Република Словенија во Република Македонија Алан Бергант во Битола одржа предавања пред студентите на Факултетот за јавна администрација и менаџмент во информациските системи, како и пред средношколците од битолската гимназија.


- Ги презентирав моите видувања за местото на Македонија по две до три години и бенефициите за младите кои веќе ги чувствуваат нивните врсници од Словенија. За студентите воедно обезбедив директна врска, односно спогодба со Факултетот за јавна администрација во Љубљана и им порачав дека треба да се искористи нивната мобилност низ студентска размена во двата града, истакна амбасадорот Алан Бергант за време на престојот во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола.