МАКЕДОНИЈА Е ЛИДЕР ВО ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИТЕ ВО РЕГИОНОТ!

Скопје, 02 февруари 2012

Интервју на Марта Арсовска Томовска, заменик министер за информатичко општество и администрација, за „Капитал“

 

 

- Кои се надлежностите на Министерството за информатичко општество и администрација?

 

Министерството за информатичко општество и администрација е најмладото министерство во Македонија, основано во 2008 година како Министерство за информатичко општество. Во 2011 година Владата му ги додели надлежностите во делот на јавната администрација, а на почетокот на 2012 година и во делот на комуникациите, со преземање на Секторот за комуникации од Министерството за транспорт и врски. Накратко кажано, улогата на Министерството е креирање и спроведување политики за развој и за промоција на информатичко општество од една страна, но и централно административно тело и креатор на политиките во врска со администрацијата како целина. Притоа, Министерството има определени надлежности или ја следи работата на неколку државни органи и институции, како на пример Агенцијата за администрација, Државниот управен инспекторат, Агенцијата за електронски комуникации, Советот за радиодифузија и други.

 

- Зошто во едно министерство се ставени заедно обврските за администрација и информатичко општество? 

 

Во оваа фаза на реформите на јавната администрација приближувањето на овие две надлежности не само што е корисно, туку мислам и нужно. Говориме за процеси кои треба да анализираат, да поедностават и по можност, да автоматизираат. Автоматизацијата подразбира примена на информатичко-комуникациските технологии во секојдневното работење на институциите и воведување електронски услуги за граѓаните, за компаниите, но и за самите вработени во институциите.

 

- Колку воведувањето електронски услуги во работењето на јавната администрација може да влијае на зголемување на квалитетот на администрацијата? Кои се примерите и искуствата од другите земји?

 

Класичен пример е едношалтерскиот систем во царината. Откако за прв пат го воведовме во 2008 година, времето за добивање дозвола за увоз, на пример на месо, се мери во часови, наместо во денови. Увозникот од својата канцеларија праќа електронско барање до царината, царината преку системот ги дистрибуира податоците за пратката до сите надлежни институции, тие електронски одобруваат и камионот влегува во земјата. Ниту увозникот, ако е од внатрешноста, оди на десетина различни шалтери во Скопје и притоа троши и време и пари за гориво, ниту пак, цариникот има можност да му го држи камионот и да му ја расипе робата за возврат на некаква услуга. Точно, македонскиот едношалтерски систем е еден од најпознатитите примери за успешни царински системи во светски рамки и како таков е презентиран од страна на Светската царинска организација, Европската комисија и од Обединетите нации, а истовремено награден како апликативно решение од страна на водечката компанија IBM. Или пак, системот за електронска регистрација на фирма во Централниот регистар – за само три дена можете да почнете бизнис без да се појавите на шалтер, воопшто. Со таква брза и ефикасна услуга може да се пофалат само пет-шест земји во светот, меѓу кои и Македонија.

 

Иако во одделни сегменти водиме во светски рамки, ни претстои уште многу работа за да го достигнеме потребното ниво на развој. И самиот термин информатичко општество во името на нашето министерство имплицира примена на информатичко–комуникациски технологии во сите сфери на општеството, не само во јавниот сектор. Информатиката претставува моќна алатка за економски развој на едно општество, но и двигател на светската економија. За светот веќе се зборува како за “глобален свет” во кој постојат “интелигентни нации”, а “интернет-генерациите” кои живеат во “дигитални градови” имаат “секогаш поврзан” животен стил. Токму ваквите нации имаат највисок економски раст, таму најлесно се води бизнис, а граѓаните имаат највисок животен стандард. На пример, Сингапур е интелигентна нација со повеќе од илјада електронски владини услуги на различно ниво на софистицираност и тоа е една од причините Сингапур да биде лидер во индексите за слободна, иновативна, конкурентна, едноставна за водење бизнис и најмалку корумпирана економија.

 

- На кои проекти од областа на информатичкото општество работи Министерството?

 

Нашето министерство има многу одговорна задача - да го трасира патот кон развојот на Македонија во модерна, технолошки развиена земја. Во соработка со бизнис-заедницата, претставена преку коморите за информатички технологии, интензивно работиме на градењето на информатичко општество. Ги реализираме проектите зацртани во програмата за работа на Владата, но работиме и на други проекти кои се наметнуваат како потреба или пак, ни претставуваат предизвик поради брзиот развој на новите технологии. Би ги споменала проектите за воведување едношалтерски системи во различни сектори, воведување систем за управување со човечки ресурси во администрацијата преку моделот на компетенции, модерниот метод на јавна расправа преку примена на новите технологии, подобрување на функционалностите на единствениот национален регистар на прописи како дел од процесот на проценка на влијанието на регулативата, познат во јавноста како РИА. Тука би сакала да дообјаснам дека целата регулаторна реформа, вклучително РИА и четвртата фаза на “Регулаторната гилотина“, која се однесува на малите и на средните претпријатија, премина во наша надлежност на почетокот од оваа година.

 

- Вие доаѓате од бизнис-секторот. Како го гледате Вашиот придонес во Министерството и кои се Вашите главни задолженија како заменик-министер?

 

Ја почитувам и ја ценам определбата на премиерот и на неговиот тим да привлечат околу себе што е можно повеќе професионалци, пред сè млади, кои во реалниот сектор веќе се наметнале со својата работа. И кај мене токму моето професионално портфолио беше причина да добијам покана да се придружам на тимот на Министерството. Сметам дека тоа е сигурен рецепт за успешно креирање и спроведување на политиките на оваа влада во овие динамични времиња. Речиси не постои функционер кој не работел во реалниот или во финансискиот сектор. Сите разбираат што е бизнис и кои се предизвиците на менаџирањето со луѓе и со финансии. Моето петнаесетгодишно работно искуство, од кое најголем дел на менаџерски позиции, како и научените лекции при имплементацијата на комплексни ИТ-проекти во државни институции и големи приватни компании, ми даваат една посебна перспектива и објективност во согледувањето на приликите и потребите на овој сектор, но и на бизнис-секторот, пошироко. Од друга страна, инженерската логика, свежината и новата енергија која ја носам со себе ќе ми помогнат да внесам нов дух во “кроењето” на администрацијата по еден современ терк - брза, ефикасна, љубезна, мотивирана, економична и најважно, ориентирана кон резултати.

 

- Каква е иднината на телекомуникациите во Македонија? На кое ниво на развој е овој сектор и што му недостига за да биде посилен, ако се спореди со другите земји од регионот и со европските земји?

 

Еден од најпознатите американски новелисти во сферата на фантастиката и визионер на дигиталната ера, Вилијам Гибсон, уште во 2003 година изјавил: “Иднината е веќе тука - само што не е еднакво распределена”. Токму таа реченица и ден денес ја отсликува реалната ситуација со телекомуникациите, дури и во светски рамки. Во светот постои нерамномерна распределба на телекомуникациските услуги од една до друга држава, во рамките на една држава постои нееднаква покриеност од еден во друг град, па ако сакате и од едно до друго село. Поентата е дека не сите граѓани на една земја имаат еднаква можност да се поврзат на некаква телекомуникациска мрежа и со тоа да добијат пристап до некоја јавна електронска комуникациска услуга. Големата дискусија што во моментов се води во светот е дали широкопојасниот Интернет треба да стане дел од универзалната услуга, бидејќи токму широкопојасниот Интернет е еден од предусловите за масовно користење на електронските услуги, електронското банкарство, електронскиот бизнис или електронската трговија. Секако, понудата и степенот на развој на софтверските апликации преку кои ќе се реализираат овие услуги, како и аспектот на сигурност и безбедност при извршувањето на електронските трансакции заслужуваат големо внимание при планирањето на електронските услуги. Со задоволство можам да кажам дека Македонија е лидер во областа на телекомуникациите во регионот, особено во однос на широкопојасниот Интернет, каде што најновите статистички податоци кажуваат дека сме сосема блиску до европскиот просек. Денес во Македонија својот компјутер можете да го поврзете на кабелски Интернет, Интернет преку xDSL или оптичко влакно, безжичен Интернет преку најразлични безжични технологии, мобилен Интернет преку 3G, a во следните неколку месеци предвидено е Агенцијата за електронски комуникации да го распише тендерот за 4G. Планот е следната година да го ослободиме неопходниот радиофреквентен опсег, таканаречената “Дигитална дивиденда” и да обезбедиме широкопојасен Интернет преку мобилни медиуми со брзини од 100Mbps па нагоре. Во поглед на дигиталната дивиденда, би сакала да потенцирам дека придобивка од аналогното исклучување на радиодифузерите, покрај развојот на електронските комуникации, ќе биде и преминот во дигитален мод на работа и можност за емитување телевизиски сигнал во висока дефиниција (HD-TV).
Имајќи ги предвид моменталната состојба, но и нашите амбициозни, но остварливи планови во поглед на развојот на телекомуникациите, сосема е извесно дека “Дигиталната агенда 2020”, која претставува програма за дигитален развој на членките на ЕУ до 2020 година во делот за телекомуникации, ќе стане реалност и за Македонија.

 

- Електронската трговија во Македонија не функционира како што треба...Има примери на плаќање преку интернет-страниците за групно купување, на пример, но недостигаат многу работи за да се овозможи масовна трговија преку Интернет. Зошто? Што е неопходно да се направи?

 

Точно е дека постојат релативно мал број интернет-продавници регистрирани во Македонија, осумдесетина. Има повеќе аспекти на проблемот – прво, ние сè уште градиме култура за купување преку Интернет. Дел од вината лежи во големите светски компании за електронски трансфери на пари, преку кои е единствено можно да купите производ од најголемите електронски продавници во светот. Од Пејпал (PayPal) во неколку наврати добивме ветувања дека ќе овозможат отворање кориснички сметки и за македонските граѓани и очекуваме тоа да се случи наскоро. Друг проблем со којшто се соочуваат и купувачите и продавачите е недовербата во безбедноста на целиот процес, но таа дилема постои секаде во светот, не само во Македонија. Во однос на релативно малиот пазар на електронска трговија на македонски производи и услуги, причина се и недоволните технички познавања на потенцијалните продавачи за процесот на креирање и водење електронска продавница. Затоа, нашето министерство почна прилично амбициозен проект за отворање електронски продавници за стотина нови претприемачи, за кои презедовме обврска врз основа на презентираните бизнис-планови да помогнеме да почнат сопствен електронски бизнис. Очекуваме до крајот на следната година бројот на електронски продавници во Македонија најмалку да се дуплира.

 

- Една од поновите надлежности на Министерството за информатичко општество е реформата на јавната администрација. До каде се активностите за реформа на администрацијата и воведувањето на системот за управување со компетенции?

 

Еден од клучните приоритети на нашето министерство претставува токму реформата на јавната администрација. Да бидеме прецизни, реформата е континуиран процес кој подразбира воведување правила, процедури и мерки за подобрување на перформансите на администрацијата. Речиси не постои земја во светот која не е во некоја, помалку или повеќе, напредна фаза на реформа на својата администрација. Тоа што се очекува од нас како земја-кандидат за ЕУ е да го достигнеме европскиот просек на јавна администрација. Во таа смисла, критериумите за јавната администрација што важеле за Бугарија и за Романија се различни во однос на нашите. Како што најразвиените европски држави воведуваат нови мерки за подобрување, така и нашите критериуми стануваат повисоки. Предизвиците на 21 век, како глобализацијата, промените на природата на работата со примена на новите технологии, потребата од унифицирање на организациските структури во администрацијата, работната сила која доаѓа од новата генерација, па и финансиската криза се фактори кои влијаат на потребата да се направи рамка за радикални промени на традиционалната бирократска култура, т.е поширока културна, правна и структурна реформа. Преку воведување систем базиран на компетенции, како основна алатка за обезбедување мерлив и стандардизиран систем на управување со човечки ресурси, администрацијата треба да прерасне во ефикасна, одговорна и транспарентна јавна администрација, која ќе претставува централно јадро на демократското владеење.

 

Рамката на компетенции го опфаќа процесот на планирање на работната сила, вработувањето, развојот, оценувањето и напредувањето. За вработениот системот овозможува поголем поттик и мотивација за личен развој, како и подобро разбирање за тоа што е потребно за поуспешно исполнување на работните задачи. Придобивките за раководниот кадар се однесуваат на потранспарентни и посоодветни критериуми при изборот на кадар, пообјективна оценка на вработените преку моделот 360 степени (самоооценување на вработениот, оценка од подредениот, надредениот и од колегите на исто ниво или пак, од корисникот на услугата), утврдување на потребите за обука и развој, како и поуспешно менаџирање со ресурсите и реализирање на задачите.

 

Идејата не е да ја смениме администрацијата, односно да ги замениме вработените со нови, туку напротив, да го извлечеме максимумот од секој од нив, да ги вооружиме со потребното знаење и вештини и да ги мотивираме да го вложат својот полн капацитет за да можат професионално, ефикасно и транспарентно да си ги вршат работните обврски. Мотивацијата ја сметам за еден од клучните фактори за успех на администрацијата. Апсолутно не се согласувам со тезите во последните дваесет години дека имаме лоша и непрофесионална администрација. Ако човек континуирано го убедуваш дека е лош, природно е дека по некое време тој ќе поверува дека е таков и што е пострашно, така и ќе се однесува. Напротив, во изминативе шест месеци, колку што сум дел од администрацијата, односно раководам со неа, сретнав исклучително професионални и посветени луѓе, кои несебично се вложуваат во работата. Од тие причини, убедена сум дека само со позитивен пристап кон реформите, и од страна на раководството, но и од страна на вработените, ќе ја постигнеме целта и ќе добиеме администрација во која ќе претставува задоволство да се работи.