Поднесување на годишната даночна пријава и преку интернет

Скопје, 16 февруари 2012

Граѓаните од денеска можат по електронски пат да ги поднесуваат годишните даночни пријави до Управата за јавни приходи.

 

Пријавите може да се поднесуваат од дома во кое било време на веб страницата http://etax.ujp.gov.mk/ со пополнување лични податоци и обезбеден електронски потпис од овластениот издавач КИБС и Македонски телеком. Електронскиот потпис чини околу 900 денари, а освен за даночните пријави може да се користи и за сите останати електронски услуги.

 

Прв годишната даночна пријава по електронски пат денеска ја поднесе министерот  за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

 

- Целата работа се завршува во рок од пет минути. Сакам да им порачам на сите граѓани да ја искористат оваа можност и да се регистрираат што е можно побрзо и да набават електронски потпис кој не се користи само за оваа услуга, туку и за голем број услуги кои ги издава Владата и институциите, рече Ивановски.

 

Тој појасни дека доколку некој смета оти не може да ја поднесе пријавата по електронски пат, тоа наместо него може да го направи друго лице кое треба да има обезбедено електронски потпис.

 

Од Управата за јавни приходи појаснуваат дека електронскиот потпис што го користат банките за целите на е-банкарство исто така можат да се користат и за е-даноци, доколку се издадени од Македонски телеком и КИБС. Исто така, граѓанинот кој има потпис за користење електронски услуги на други институции, како што се Агенцијата за вработување, Царинската управа, Централниот регистар може да го користат и за е-даноци.

 

Услугата треба да придонесе кон намалување на административните трошоци, зголемување на доброволната наплата на даноците, како и за поедноставување на даночните постапки за бизнисите.

 

Предноста на е-даноци, како што информираат од УЈП, е што  сите фази и чекори се прилагодени за корисниците и не треба да се доаѓа во УЈП. Дури и ако е поднесена пријавата во 23:59 часот на 15 март ќе значи дека навремено се пријавени приходите.

 

Електронското поднесување на даночната пријава беше промовирано пред 10-тина дена од страна на премиерот Никола Груевски, заменик-министерката за информатичко општество Марта Арсовска - Томовска и директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.

 

Годинава се очекува во Управата за јавни приходи да бидат доставени околу 200.000 годишни даночни пријави од граѓаните. Во јануари беа доставени 8.000, а крајниот рок за поднесување на пријавите е 15 март.

 

Годишна даночна пријава поднесуваат лицата кои во текот на изминатата година издавале под закуп станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендица, опрема, превозни средства или друг вид на имот, оствариле приход од авторски права и права од индустриска сопственост, им била исплатена дивиденда или камати по основ на заем даден на физичко или правно лице, оствариле капитална добивка од продажба на хартии од вредност на берза или од игри на среќа, како и ако имаат лични примања од странство или пак имале лични примања од дипломатско- конзуларно претставништво на странска држава во Македонија.