Бизнисмените од Струмица заинтересирани за новините што ги нуди четвртата фаза од регулаторната гилотина

Скопје, 20 февруари 2012

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот во Сојузот на стопанските комори Митко Алексов денеска во Струмица имаа средба со бизнисмени од струмичкиот и валандовскиот регион на која беа претставени реформите од четвртата фаза од владиниот проект Регулаторна гилотина.

 

Осврнувајќи се на досегашната реализација на трите фази, министерот Ивановски истакна дека првата фаза веќе е целосно завршена, а втората и трета фаза се реализирани над 73 проценти.

 

- Ова од своја страна и го донесе на Македонија 22-то место на земјите реформатори од Светска Банка, а третото и четвртото место на топ реформатори во светски рамки. Тоа е предизвик за отворање на сегашната, четврта фаза во која најголемо внимание се посветува на подобрување на условите за функционирање на микро и малите претпријатија и занаетчии, кои се 98 проценти од македонското стопанство, рече Ивановски.

 

Тој подвлече дека Законот за задолжница, како драфт-верзија на Министерството за финансии, е поголем проект за кого бараат мислење од бизнис заедницата, која може да учествува во креирањето на законот до крајот на април.

 

- Паралелно со ова се реализира проектот Е-данок, а нашите следни чекори се во правец  на скратување на процедурите за издавање на градежните дозволи и дозволите за енергетска согласност и приклучување на комуналната инфраструктура, рече Ивановски.

 

Според директорот на ССК, Алексов, воведувањето на „задолжницата” во моментот е добредојдена за надминување на должничко-доверителните односи, како и за давање нов импулс во стопанството.

 

Бизнис секторот од Струмица и Валандово се интересираше и за откупот и трговијата со земјоделски производи, а беа дадени и предлози за работата на извршителите кои фактурираат неизвршени услуги.