Министерот Ивановски со нова иницијатива за надминување на административните бариери

Скопје, 23 февруари 2012

 

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска имаше средба со претставници на малите и средни претпријатија од Битола и Демир Хисар, при што ги запозна со четвртата фаза од проектот „Регулаторна гилотина“ наречен и „Предност на малите“.

 

Според министерот Ивановски, првата фаза од овој проект е 100 процентно реализирана, втората фаза со 74 отсто и третата со 73 отсто, а мерките кои ќе произлезат од четвртата фаза ќе овозможат надминување на сегашните административни бариери со кои се соочуваат компаниите.

 

- Подолго време сме на терен за да го слушнеме приватниот сектор, малите микро претпријатија кои што сочинуваат 98 насто од стопанството во Македонија, да ги согледаме нивните предизвици и проблеми со кои се соочуваат. Воедно ги демонстрираме новите алатки што ги воведе Владата на Република Македонија, пред се електронскиот регистер на прописи во кој секоја институција при подготовка на закони истите ги поставува во „драфт-верзија“ и потоа секое физичко или правно лице во Република Македонија може да ги коментира предложените закони и директно да учествува во креирање на легислативата, посочи Ивановски.

 

На средбата со стопанствениците беше извршена и презентација на порталот „Е-демократија“ преку кој секоја институција може да ги поставува своите стратегии, закони и предлог закони, но и да предложи идеја која ќе биде процесуирана од соодветен администратор.

 

- Очекуваме да произлезат нови идеи, нови мерки, нови проекти кои Министерството за информатичко општество и администрација до крајот на април ќе ги изанализира и потоа проследи до Владата на Република Македонија. Основна цел е да им помогнеме на бизнисмените, да ги направиме нивните стопанства да бидат поефикасни и да изградат подобра економија, истакна министерот Ивановски.

 

На денешната трибина во Битола беше најавено дека средби со стопанствениците или директна комуникација со бизнис заедницата, ќе се одржат во Тетово, Ресен, Охрид, односно во 20 градови низ државата.