Министерот Ивановски во Брисел се сретна со еврокомесарот Шефкович

Брисел, 28 февруари 2012

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски вчера во Брисел се сретна со еврокомесарот за меѓуинституционали односи и администрација Марош Шефкович.

 

На средбата министерот Ивановски ги презентираше реформите во јавната администрација што ги спроведува Владата.

 

Од страна на комесарот Шефкович беа поздравени проектите како што се новиот модел на оценување во администрацијата и воведувањето компентенции, преку измена на тестовите во Агенцијата за администрација.

 

-  Генерално, вработувањето во јавната администрација полека, но сигурно е спроведувано на начин на кој го бара Европската комисија, изјави Ивановски по средбата.

 

Тој додаде дека на Шефкович му бил презентиран и проектот за електронска влада и оти добил охрабрување за натамошно инвестирање во ова област.

 

Ивановски потенцираше дека поднел предлог за директно вклучување на Македонија како земја-кандидат во проектот со кој се овозможува граѓаните кои патуваат полесно да ја добијат саканата информација од институциите без разлика во која земја се наоѓаат.

 

- Повратната информација ја очекуваме наскоро и доколку се вклучиме во овој проект, тоа ќе преставува дополнителен стимул за вложување во него и за поврзување со сите електронски регистри, истакна Ивановски.