Министерот Ивановски во владиниот тим предводен од премиерот Груевски во САД

Скопје, 10 ноември 2008

Македонска владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски престојува во еднонеделна работна посета на Соединетите Американски Држави каде што ќе учествува на бизнис форумите во Сан Франциско и Чикаго на кои ќе ја презентира Македонија како инвестициска дестинација.


Во владиниот тим, наречен „Тим Македонија”, се вицепремиерот задолжен за економски прашања Зоран Ставрески, министрите за информатичко општество, за странски инвестиции и за економија , Иво Ивановски Веле Самак и Фатмир Бесими и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо.


Според програмата, делегацијата ќе ја посети Силиконската долина, центарот на американската и на светската ИТ-технологија, каде што ќе се одржи Бизнис форумот „Македонија - земја на ИТ експерти”, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис клима и привлекување реномирани американски инвеститори.

Меѓу главните презентери на форумот ќе бидат и американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер, главниот економист во Светската банка Симеон Џанков, претседателот на канадското сателитско радио и коосновач на Даве Њирелесс, како и член на Бордот на „Македонија 2025“ Џон Битов, професорот од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ Питер Бок, како и главниот извршен директор на иБанк Том Маркел.

За време на посетата на Сан Франциско предвидени се повеќе средби со претставници на реномирани американски компании - гиганти во информатичката технологија, меѓу кои фирмите Интел, Оракл и Хјулит Пакар.

Приказната за Македонија како успешна бизнис дестинација македонскиот владин тим ќе ја презентира пред повеќе од сто претставници на моќни американски компании и на Бизнис форум во Чикаго, насловен „Македонија - новото чудо во Европа”. На форумот ќе се обрати и претседателот и главен и извршен директор на Нортел и член на бордот на директори на „Македонија 2025“ Мајк Зафировски.

На форумите, покрај претставници на реномирани американски компании, ќе учествуваат и претставници на меѓународни финансиски институции, на невладини организации, политички и лоби кругови на САД, како и македонски компании, членки на Сојузот на стопански комори и на МАСИТ.


Форумите, како што истакнуваат од Владата, претставуваат извонредна можност за промоција на Република Македонија пред американската јавност како стабилна и просперитетна земја која нуди атрактивни услови за странските инвеститори.

За време на престојот на македонската делегација во Чикаго ќе биде отворена и манифестацијата Денови на македонската култура во САД, во чии рамки ќе се одржи и концертот на познатиот македонски пијанист Симон Трпчевски.

Посетата на САД е во рамките на владиното роуд шоу кое се одржа во повеќе европски држави, меѓу кои Италија, Германија, Турција, при што беа остварени значајни контакти со познати компании.