Заменик министерот за информатичко општество и администрација во посета на општина Македонска КаменицаСкопје, 01 март 2012 Марта Арсовска Томовска, заменик министер за информатичко општество и администрација, денес, во просториите на општина Македонска Каменица, одржа презентација и јавна трибина со претставниците на бизнис заедницата од општината. Таа го претстави почетокот на четвртата фаза на регулаторна гилотина „Предност за малите“ и ги образложи предвидените активности во рамките на овој проект.
Осврнувајќи се на досегашната реализација на трите фази, заменик министерот појасни дека оваа фаза е насочена кон надминување на административните бариери со кои се соочуваат компаниите, а тоа, во услови на криза, треба да овозможи намалување на притисокот врз нивното работење.
Во рамките на своето излагање, заменик министерот ги истакна најбитните перформанси и информации кои фирмите може да ги добијат со користењето на веб страната ЕНЕР, а воедно го потенцираше значењето и на веб порталот за е-демократија, кој претставува одговор на потребата од воведување на нов модерен метод на јавна расправа.
Претставниците од бизнис заедницата во Македонска Каменица дадоа свои забелешки за начинот на функционирањето на институциите и изнесоа сугестии како би можело да се подобри нивната експедитивност, а притоа да им се олеснат административните патишта на компаниите при остварување на своите цели.
Градоначалникот на општината Македонска Каменица, м-р Дарко Митевски, ја пофали иницијативата за одржување регионални средби на Министерството за информатичко општество и администрација со бизнис заедницата. Тој се сложи дека ваквите корисни дискусии и јавни дебати овозможуваат активно вклучување на членовите на бизнис заедницата.
Заменик министерот истакна дека Министерството детално ќе ги разгледа и анализира сите приложени забелешки од кои понатаму ќе произлезат идеи и мерки, сè со цел градење на поефикасна и подобра економија. |