Трибина за регулаторна гилотина во Берово

Скопје, 07 март 2012

Марта Арсовска Томовска, заменик министер за информатичко општество и администрација, на 05.03.2012 година, во салата на хотел „Манастир” во општината Берово, одржа презентација и јавна трибина пред претставниците на бизнис заедницата од општините Берово, Делчево и Пехчево.

 

Таа го претстави почетокот на четвртата фаза на регулаторна гилотина „Предност за малите“ и ги образложи предвидените активности во рамките на овој проект од страна на Министерството за информатичко општество и администрација.

 

Заменик министерот Арсовска Томовска ги презентираше предвидените мерки насочени кон подобрување на бизнис климата во државата, особено на мерките наменети за малите и средните претпријатија. Даде осврт на резултатите од превземените претходни фази на Регулаторната гилотина и ја појасни целта и примената на образецот за доставување предлози за поедноставување и елиминирање на административните бариери, како и процедурата за понатамошно разгледување на предлозите и забелешките по пат на комисија.

 

Во оваа прилика, таа ги презентираше единствениот национален електронски регистар на прописи ЕНЕР, а се осврна и на значењето на веб порталот за е-демократија.

 

Меѓудругото, таа нагласи дека квалитетот на јавната администрација е клучен фактор за нивото на услуги за граѓаните и фирмите кој придонесува за развојот на општеството и демократските процеси. Крајната цел е создавање современа, професионална и ефикасна јавна администрација, која ќе ги унапреди односите со граѓанинот, притоа ставајќи се во негова потполна служба, воспоставувајќи истовремено транспаренти процеси и минимизирајќи ја можноста за корупција.

 

Исто така, таа истакна и други мерки кои се во насока на отстранувањето на административните бариери и за бизнисите но и за граѓаните, при тоа истакнувајќи го институтот „молчењето значи одобрување” и казнените одредби во тој домен, како една од мерките кои се во насока на регулаторните реформи, а ги посочи и „проектите нема погрешна врата”, е -документи и е- даноци и едношалтерскиот систем.

 

Заменик министерката посочи дека ваквите пошироки дискусии ги олеснуваат процесите на економскиот развој, а воедно го потенцираше и значењето на комуникацијата помеѓу бизнис заедницата и Владата, со цел застапување на интересите и пренесување на забелешките до надлежните ресори.

 

Претставниците на фирмите дадоа своj придонес во дискусијата за функционирањето на институциите и изнесоа сугестии како би можела да се подобри нивната експедитивност, а притоа да им се олеснат административните патишта на компаниите при остварување на своите цели.