Дигитализација на сите македонски телевизии до 2013

Скопје, 14 март 2012

До петок ќе биде објавен јавен повик за нов радиодифузер, информираат министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на  Агенцијата за електронски комуникации Роберт Ордановски.

 

-Со последната одлука на Владата на Р. Македонија неопходно е да се воведе нов радиодифузер, кој ќе управува со 3-те мултиплекса за да можеме да ја трансформираме аналогната телевизија во дигитална на 1 јули 2013 година и да може после тоа Агенцијата за електронски комуникации да му овозможи на операторот, кој ќе оперира со 4Г лиценцата. 4Г лиценцата ќе биде распишана во наредниот период. Со тоа ќе се постигне многу побрз проток на информации. 4Г е 10 пати побрзо од 3Г и се надеваме дека граѓаните до крајот на 2013 година ќе ги користат овие најнови технологии, изјави Ивановски.

 

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Ордановски истакна дека 3-те мултиплекса на новиот радиодифузер ќе се користат на посебен начин.

 

-Два ќе бидат за национални бродкастери за национални телевизии, а 3-тиот ќе биде за регионални. Планот е комерцијалните национални телевизии во Р. Македонија како и регионалните, кои се водат во градот Скопје, и локалните до 01.06.2013 година да се префрлат сите комплет на дигитално земско емитирање и да се исклучат практично аналогните предаватели. Тој процес е поврзан со другиот процес, од така наречената дигитална дивиденда, ослободувањето на фреквенциите кои во моментов ги користат аналогните телевизии за доделување на фреквенција од четвртата генерација мобилна телефонија-најбрз широкопојасен интернет, кој во Р. Македонија е план во наредните 4 години да зафати комплетно покривање како би можеле Р. Македонија да ја ставиме во чекор со европската дигитална агенда 2020, изјави Ордановски.

 

Јавниот повик за нов радиодифузер ќе трае 45 дена и доколку се јави еден заинтересиран тогаш тој ќе биде избран, но ако има повеќе заинтересирани ќе се распише тендер кој ќе трае 30 дена, по што ќе биде избран новиот радиодифузер.