Студиска посета во Рим за планирање на вработувања во јавната администрација

Рим, 13 декември 2014 година

На 11 и 12 декември 2014 година, македонска владина делегација предводена од државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, престојуваше во студиска посета за планирање на вработувања во јавната администрација во Рим, Италија.

 

Тој оствари работна средба со потсекретарот задолжен за регионални работи од Претседателството на Советот на министри на Република Италија, Џанклаудио Бреса, при што беа разменети искуства меѓу двете земји од областа на реформата во јавната администрација, како и пристапите при управување со човечки ресурси. Стана збор и за актуелните реформи кои италијанската влада ги спроведува на регионално, односно ниво на управување со провинциите, како и на историјатот, развојот и модернизацијата на администрацијата низ годините.

 

Македонската делегација оствари и средба со директорот на Агенцијата за јавна администрација на Италија (ФОРМЕЗ), Марко Вилани, на која се разговараше за улогата на владите во процесот на управување со човечките ресурси, планирање на вработувањата во јавната администрација, селекцијата на кандидати, мерит системот, како и легислативата која ги уредува тие прашања. Оваа средба беше значајна поради изложените детали од аспект на системот за мониторинг врз процесот на селекција и вработување на кандидати, а беа посочени и успешните прикази во регионите на јужна Италија.

 

Во Националната школа за јавна администрација, владината делегација имаше можност да се запознае со програмите за обуки, учење и дообразба наменети за вработените во јавната администрација.

 

 

 

Односи со јавноста при МИОА