Завршна конференција за проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација„Скопје, 18 декември 2014 година По повод затворањето на проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација„ кој е поддржан од Британската Амбасада во Република Македонија, денес се одржа завршната конференција на која се обратија министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет.
Ивановски се осврна на започнатите реформи во македонската администрација, во рамките на кои се воведоа меѓународни методи за унапредување работата на одделенијата за човечки ресурси во администрацијата на Република Македонија, за унапредување на процесот за е–учење, како и квалитетот на работата и управувањето во администрацијата преку CAF програмата.
„Програмите кои во изминатиот период ги имплементиравме со поддршка на Британската Амбасада, преку експертска и техничка помош придонесоа за професионален развој на вработените и унапредување на нивните компетенции, со цел обезбедување ефективен сервис за граѓаните, преку обуки, менторство, дебати и работилници, прирачници и сл.„- рече министерот Ивановски.
Како една од последните активности реализирани во рамките на оваа програма е и јавната кампања за подигнување на свеста и значењето од воведувањето на компетенциите во работењето на администрацијата, која беше промовирана денес.
Британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, истакна дека реформите во администрацијата се клучното прашање на патот кон евроинтеграцијата на земјата, за што Британија даде широка поддршка во реализацијата на проектните активности.
Инаку, соработката со Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија започна во 2011 година, кога беше потпишан Меморандумот за соработка во рамките проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација“. Заблагодарувајќи се за големата поддршка од Британската Амбасада, министерот Ивановски изрази очекување дека соработката на планот на реформите ќе продолжи и во наредниот период, со цел креирање на ефикасна, ефективна и транспарентна администрација.
Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација |


























