Работен состанок со ИКТ компании членки на МАСИТ

Скопје, 16 март 2015 година

Во рамките на континуираната соработка со компании од стопанските комори, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и Марта Арсовска Томовска, денеска имаа работен состанок со претставници на компаниите членки на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.

 

Ивановски ги запозна присутните со тековните активности на министерството во ИКТ сферата, како и со новите владини проекти за развој на информатичкото општество.

 

„Ќе се доделуваат таблети со тастатура на сите студенти во трета или четврта година од студиите, доколку нивните семејства имаат приход помалку од просечната плата. Се надеваме дека оваа мерка ќе доведе до позитивен резултат и за студентите и за приватниот сектор, а со тоа ќе има и пораст на економијата.„- рече министерот Ивановски.

 

На средбата стана збор и за вториот проект за 300.000 таблети наменети за училиштата во земјата, како и за начинот на вклучување на ИКТ компаниите во креирањето на новиот еко систем со таа опрема

 

Исто така, беа покренати прашања од взаемен интерес кои можат да им помогнат на ИКТ компаниите во земјата во нивниот понатамошен напредок, а една од темите беше и начинот за задржување на младиот образован ИКТ кадар во земјата.

 

„Единствен начин да ги задржиме луѓето е да работиме на поттикнување на извозот. На тој начин ќе овозможиме македонскиот кадар да остане во државата и да работи на престижни проекти.„- рече претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Слаѓан Михајловски.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација