Административните закони претставени пред институции од јавниот сектор во Прилеп

Прилеп, 17 март 2015 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, денеска во Прилеп оствари работен состанок со претставници на институции од јавниот сектор во општината, на кој ги претстави најважните области од спроведувањето на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, кои стапија во сила на 13 февруари оваа година.

 

На средбата на која присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, беа разгледани прашања поврзани со дејноста на работењето на соодветните институции од образовната, културната и здравствената област, како и комуналните претпријатија, а кои се однесуваа на новите административни закони.

 

Акцент беше ставен на Каталогот на работни места, како и на активностите кои секоја од институциите е должна да ги преземе во насока на изработување на актите за внатрешна организација и систематизација. Исто така, беа појаснети функционалностите на системот за управување со човечки ресурси.

 

Арсовска Томовска истакна дека законите се во насока на воспоставување модерна и сервисно ориентирана јавна администрација, која нуди ефикасност и транспарентност, заснована на современите европски стандарди.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација