Ивановски во Штип ги презентираше новите административни закони

Штип, 18 март 2015 година

Во рамките на процесот на спроведување на реформите во јавната администрација, согласно новите административни закони, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска во Штип оствари работен состанок со претставници на институции од јавниот сектор во општината, на кој присуствуваше и градоначалникот Илчо Захариев.

 

Тој заедно со стручен тим од министерството ги презентира најважните области од имплементацијата на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, кои стапија во сила во февруари оваа година. Со спроведувањето на новите закони има многу позитивни промени, а новите вработувања во администрацијата ќе бидат базирани на знаење и компетенции, познавање странски јазици и компјутерски вештини.

 

Раководни лица и вработени кои се задолжени за работата од областа на човечките ресурси од образовната, културната и здравствената сфера, како и комунални претпријатија и јавни установи, се интересираа за прашања од соодветната област поврзана со административното работење. На средбата стана збор за систематизацијата на работните места, за што треба да се направи функционална анализа на институциите, со цел да се види кои работни места им се потребни.

 

Министерот Ивановски и заменик министерот Арсовска Томовска во изминатиот период посетија повеќе општини во земјата, каде на претставници од локалните институции им ги доближија новите законски решенија од административната област, чија цел е воспоставување на модерна и сервисно ориентирана јавна администрација.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација