Доделени дипломи на државни службеници за познавање на француски јазик

Скопје, 23 март 2015 година

Во рамките на програмата „Францускиот јазик во дипломатијата и јавната администрација“ на Меѓународната организација на Франкофонијата, свечено беа доделени ДЕЛФ/ДАЛФ доживотни дипломи на 73 македонски државни службеници, учесници во Националната програма за 2014 година.

 

Дипломите ги доделија амбасадорката на Република Франција, Лоренс Оер и државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, а на настанот присуствуваше и директорката на Францускиот институт, Изабел Марки Барбо.

 

Државниот секретар Јахија, меѓу другото истакна дека досега се реализирани многу активности и успешни проекти, а веќе се прават подготовки за потпишување на новиот Меморандум за билатерална соработка со Амбасадата на Република Франција.

 

„Со досегашните успеси во изучувањето на францускиот јазик давате пример на вашите колеги дека познавањето на странските јазици е непроценлива вредност. Овие дипломи се доживотни, ги полагате само еднаш, а го валоризираат вашето знаење за цел живот. Затоа ги охрабрувам сите државни службеници да продолжат со изучување на францускиот јазик, но и на другите странски јазици не како обврска, туку како задоволство и потреба за создавање сопствени професионални вредности.“- порача Јахија.

 

Амбасадата на Република Франција и Францускиот институт и натаму остануваат отворени за различни активности и форми за нови успеси и достигнувања на македонската администрација, што значат поддршка на интеграциските процеси во европските институции, особено на полето на изучување на францускиот јазик.

 

„Имаме рекорден број доживотни ДЕЛФ и ДАЛФ дипломи што ги добиле државните службеници за една година и значи сериозна посветеност и разбирање дека францускиот јазик е една од неизбежните алатки за непосредна и непречена професионална, институционална комуникација во интеграциските процеси на Република Македонија и во европските и светските престолнини.“- истакна амбасадор Оер.

 

Веќе трета година по ред Министерството за информатичко општество и администрација ја координира Националната програма во рамки на Програмата „Францускиот јазик во дипломатијата и јавната администрација“ на Меѓународната организација на Франкофонијата, а во целосна и непосредна соработка со Амбасадата на Република Франција, ја спроведува преку Францускиот институт во Скопје.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација