Арсовска Томовска на Саемот за вработување и пракса „Контакт 2015„

Скопје, 6 април 2015 година

Од 6 до 8 април во Скопје се одржува Саем за вработување и пракса „Контакт 2015„ наменет за сите студенти од техничките факултети, кој има за цел да ги поврзе работодавците со студентите, преку овозможување директна промоција на компаниите, како и претставување на искуството и знаењата на студентите.

 

На официјалниот дел од отворањето на настанот се обрати и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која истакна дека техничките и генерално инженерските професии се меѓу најперспективните и најплатените во светски рамки.

 

„Македонија има голем потенцијал во оваа област, ние инвестираме во младите генерации кои имаат афинитет и способности да станат инженери. Целта е да се постигне зголемување на конкурентноста на македонските инженери и за домашните и за странските компании, кои веќе инвестираат и во иднина ќе инвестираат во нашата земја. Оттука, многу важно е да постои комуникација и соработка меѓу приватниот сектор, владата и академската заедница.„- рече заменик министерот Арсовска Томовска.

 

Таа додаде дека ваквите настани овозможуваат поврзување на студентите од техничките факултети со потенцијалните работодавачи и придонесуваат за запознавање на студентите со начинот на кој работат компаниите, како и за условите што треба да ги исполнуваат за вработување или добивање практикантска работа.

 

На официјалното отворање на саемот кој е во организација на студентските парламенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, Машинскиот и на Технолошко-металуршкиот факултет, се обратија и деканите на ФЕИТ и ФИНКИ, Миле Станковски и Димитар Трајанов, како и проректорот за настава на УКИМ, Влатко Стоилков.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација