Ивановски : Македонија напредува за 10 позиции на светската информатичка мапа

Скопје, 22 април 2015 година

Во последното издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија, Македонија е рангирана на високото 47-мо место во светот, од вкупно 143 земји опфатени со истражувањето.

 

„Нашата земја бележи напредок од 10 позиции споредено со минатата година, кога се наоѓавме на 57 место и за 20 позиции споредено со 2013 година, кога бевме 67-ми. Сакам да потенцирам дека Македонија спаѓа во групата на топ 10 земји кои најмногу напредувале во периодот од 2012 до 2015 година.„- рече на прес-конференција министерот Ивановски.

 

Споредено со земјите од нашиот регион, единствено само Словенија е подобро рангирана која во последниот извештај е на 37-то место, додека останатите се зад Македонија. Хрватска е 54-та, Црна Гора 56-та, Грција на 66-то место, Бугарија 73-то, Србија на 77 место и Албанија на 92-та позиција.

 

Република Македонија покажува најдобри резултати во подиндексот “Подготвеност” според кој е рангирана на 46 место и бележи напредок од 25 позиции во споредба со 2014 година. Овој подиндекс го мери степенот до кој едно општество е подготвено добро да ги искористи сите достапни инфраструктури и дигитални содржини за ИКТ.

 

Република Македонија покажува најдобри резултати во столбот “Достапност” и е рангирана на 29 место, со што бележи напредок од 59 позиции во споредба со 2014 година. Овој столб оценува колку чини пристапот до ИКТ, било да е преку мобилна телефонија или преку фиксниот широкопојасен Интернет, како и нивото на конкуренција во секторите на интернетот и телефонијата што се одредува на овој трошок.

 

„Овие бројки и статистики претставуваат непобитен доказ колку сме посветени и колку работиме на развојот на информатичкото општество во нашата земја, колку се стремиме да создадеме информатички образована нација, колку преку ИКТ областа настојуваме да ја поттикнеме и подобриме нашата економија и да отвораме нови работни места.„- додаде Ивановски.

 

Тој истакна дека Министерството за информатичко општество и администрација и македонската влада ќе продолжат по патот на забрзаниот информатички развој, а проектите кои се спроведуваат на тој план јасно ги детерминираат целите и очекуваните резултати. Меѓународните оценки и анализи за претставуваат дополнителен мотив и импулс да се биде уште поуспешен и преку ИКТ сферата да се гради подобра иднина и просперитет.

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација