Ивановски : Поедноставeно архивско работење за приватните субјекти

Скопје, 28 април 2015 година

Измените во Законот за архивски материјал, кои имаат за цел да се поедностави канцелариското и архивското работење за приватните субјекти, беа повод за денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

 

„Една од позначајните измени се однесува на Членот 32, според кој отсега имателите на приватен архивски и документарен материјал се должни да водат основна или сопствена евиденција за архивскиот и документарниот материјал, да донесат план на архивски знаци со листа на архивски и документарен материјал, да вршат тековно одбирање на архивскиот од документарниот материјал и да го чуваат трајно архивскиот материјал согласно овој закон..„- рече Ивановски.

 

Единствена обврска на имателите до 49 вработени ќе биде да се архивира материјалот кој е од трајна вредност за Република Македонија, науката и културата, при што Државниот архив ќе треба да утврди кои се иматели и кои документи спаѓаат во приватен архивски материјал кој треба да се архивира, што значи дека немаат никаква обврска во однос на законот. Исто така, се дава законска обврска за Државниот архив на Република Македонија да врши архивирање на документите во електронска форма.

 

„Правните лица со 50 и повеќе вработени ќе имаат обврска да водат единствено основна евиденција. При тоа законот дава можност самите да утврдат која евиденција ќе ја водат, односно можат наместо деловодник да водат своја евиденција која веќе име е воспоставена, а исто така и основните броеви можат да ги утврдат самостојно онака како што веќе ја имаат воспоставено евиденцијата, а не задолжително да ја користат номенклатурата на државниот архив.„- додаде Ивановски.

 

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал денес е на дневен ред на 45-та Седница на Собранието на Република Македонија и се предлага тој да биде донесен по скратена постапка.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација