Арсовска Томовска на Конференцијата за затворање на IPA TAIB 2009 проектот финансиран од ЕУ

Скопје, 1 јуни 2015 година

Денеска се одржа завршната конференција за IPA TAIB 2009 проектот „Зајакнување на административните капацитети на телата задолжени за телекомуникации и медиуми за ефикасно регулирање на новите дигитални и повеќенаменски услуги“, во чии рамки обраќање имаше заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.

 

Осврнувајќи се на значењето на проектот таа истакна дека министерствoто даде свој придонес во поставувањето на основите, пред се во правно-нормативната регулатива, односно изготвувањето на нацрт-законот за електронски комуникации.

 

„Преку проектот капацитетите на телекомуникациските и медиумските регулатори беа зголемени за неколку параметри, како што се: следење на развојот на пазарот на комуникации, спроведување на регулаторната рамка на ЕУ за електронски комуникации и за аудиовизуелни медиумски услуги, вршење на различни типови на содржинска регулација во полето на електронските комуникации и радиодифузијата, како и градење на ефикасен систем за заштита на потрошувачите.„- рече Арсовска Томовска.

 

Таа ги претстави достигнувањата во ИКТ сферата во повеќе области, како у улогата и котирањето на Република Македонија на светската информатичка мапа.

 

„Според Светската банка за секои 10% раст на навлегување на широкопојасниот интернет, соодветствува од 1 до 1,5% економски раст на бруто-домашниот производ во државата, додека според Европската банка за реконструкција и развој, зголемувањето на брзината на бродбендот за двапати обезбедува раст од 0,3% на бруто-домашниот производ во државата. Овие се навистина значајни коефициенти. Како резултат на политиките и мерките кои се прeземаат во поглед на напредок на земјата во полето на комуникациско-информациските технологии и услуги, Македонија се искачува за 10 позиции заземајќи го 47 место во глобалниот индекс за информатичко општество, односно бележи скок од 20 места во изминативе две години.„- рече Арсовска Томовска.

 

Инаку, корисници на проектот кој е финансиран од ЕУ се Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации, а неговата цел беше имплементирање на ефикасна регулација за новите дигитални и повеќенаменски сервиси и креирање конкурентна средина за развој на бизнисот и заштита на потрошувачите.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација