Започна натпреварот за изработка на апликации со отворени владини податоци

Скопје, 3 јуни 2015 година

Во рамките на Денот на отворени податоци, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и генералниот директор на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански, денеска го означија почетокот на Open Data Hackathon натпреварот.

 

Програмери, студенти и старт-ап компании до 22 јуни ќе изработуваат апликации со користење на отворени податоци кои ги нудат институциите на системот.

 

„Со отворањето на 154 бази на податоци уште еднаш потврдуваме дека Република Македонија е лидер не само во регионот, туку и пошироко, а тие признанија доаѓаат од Институтот за отворени податоци. Нашата земја со својата транспарентност претставува пример и за голем број западни развиени држави, како да отворат податоците за да се стигне до повисока економска цел„- рече министерот Ивановски во своето обраќање.

 

Тој потенцираше дека граѓаните ќе можат да ги користат апликациите што ќе се креираат на натпреварот, а досегашните искуства се позитивни.

 

„Статистиките покажуваат дека најмногу преземања има на Адресарот за детски градинки, 265 пати, потоа Влез и излез на патници, по што следат лиценците што ги издаваат министерствата за економија и за екологија. Македонија има човечки потенцијал, потенцијал за иновации и со транспарентноста и со отворањето на овие податоци може да се направат нови апликации кои ќе придонесат за развој на информатичкото општество.„- додаде Ивановски.

 

Според извршниот директор на Мајкрософт Македонија, Стефан Плавјански, целта на натпреварот е да креира апликации со владините отворени податоци, но и да пренесе знаења од интерес на невладините организации, бизнисите, универзитетите за тоа кои други податоци можат да бидат од интерес.

 

„Покрај најдобрата апликација на натпреварот ќе препознаеме и најдобра идеја за апликација која ќе се базира на податоци кои моментно не се на располагање, но се надевам дека со Министерството за информатичко општество и администрација ќе ги ставиме на располагање.„ – рече Плавјански.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација