Обука за 220 невработени лица за стекнување со ИТ напредни вештини

Скопје, 13 јуни 2015 година

Министрите за информатичко општество и администрација и за труд и социјална политика, Иво Ивановски и Диме Спасов, како и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, денеска го објавија новиот повик за обука за напредни ИТ вештини за 220 долгорочно невработени лица, кои се активни баратели на работа.

 

Сите лица кои ќе ги завршат обуките кои ќе траат од три до шест месеци ќе се стекнат со меѓународно признати сертификати. Обуките се однесуваат на Јава програмер и програмер за Веб апликации, а за двете обуки ќе бидат опфатени по 110 невработени лица. За реализација на овој проект се обезбедени средства во износ од 18 милиони денари добиени од ИПА програмата.

 

Министерот Иво Ивановски нагласи дека во соработка со коморите во Република Македонија се идентификувани класи на ИТ вештини за кои што има дефицит на пазарот на труд. За оваа година тие барања од приватната комора се за Дот нет програмирање и за Јава програмирање за кои што денес започнува повикот за 220 лица и дополнително 50 лица кои што ќе се обучуваат за КАД програмерите тоа ќе биде најверојатно Маја и Ауто кат за кои што агенцијата за вработување дополнително ќе распише повик за 50 лица.

 

Министерот Спасов информираше дека заклучно со 2014 година во вакви обуки учествувале 471 лице, успешно обуките ги завршиле 375 лица, од кои се вработиле 246 односно успешноста на овој проект е околу 65 проценти.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација