Доделени наградите за најуспешните апликации на Open Data Hackathon натпреварот

Скопје, 30 јуни 2015 година

Јордан Крстевски и Ивана Талеска за апликацијата nowPARK.me, се првонаградени на Open Data Hackathon натпреварот, настан кој траеше од 3 до 22 јуни, и кој им овозможи на повеќе од 50 учесници да направат апликации со користење на отворени податоци од државните институции.

 

Нивната апликација му помага на корисникот да го пронајде најблиското паркинг место до зададената локација, а дава и информации за слободни места за паркирање.

 

Наградите денеска ги доделија министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и генералниот директор на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански. Втората награда ја доби Стеван Костовски за апликацијата SmartPhonebook, која ќе им помага на корисниците да знаат кој од нивните контакти го променил операторот и колку би ги чинел повикот. Третонаградени се Кристијан Арсовски и Дарко Котоски за апликацијата CultureApp, која ги прикажува сите театри и кина во Македонија и во која може да се погледне репертоарот на секој театар поединечно, да се купат и/или резервираат карти.

 

Министерот Ивановски истакна дека со Open Data Hackathon натпреварот, се подигна интересот кај младите за отворените податоци, кои можат да ги користат при реализацијата на своите идеи.

 

„Република Македонија пристапи кон глобалната иницијатива за Отворено владино партнерство во 2011 година, како 32 држава, и за четири години направивме многу активности на овој план. Со отворени 154 бази на податоци, Македонија не само што е лидер во регионот, туку и пошироко и за тоа има признание од Институтот за отворени податоци. Најискористена е базата за Адресар на детски градинки со 294 преземања, па Буџетот на РМ со 105 преземања и Адресарот на приватни детски градинки со 93 превземања.„- рече Ивановски.

 

Генералниот директор на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански, соопшти дека Open Data Hackathon натпреварот ќе стане традиционален и ќе се одржува наредните години. Компанијата Мајкрософт на најуспешните на натпреварот им додели мобилни телефони и таблет од новата технолошка генерација.

 

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација