Воведување на системот за автоматска локација на возила и електронска наплата во автобусите

Скопје, 14 јули 2015 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈСП, Игор Јанушев, денеска го промовираа проектот за воведување систем за електронска наплата во автобусите на јавниот градски превоз и системот за автоматска локација на возила.

 

Од 1 август оваа година ќе започне пробното користење на единствената картичка во автобусите на ЈСП, додека целосна примена и во приватните автобуси ќе има од 1 јануари 2016 година. Со воведувањето на овој систем, Градот Скопје и неговите граѓани ќе добијат побрз и поквалитетен градски превоз. Системот овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, односно за секој автобус ќе има една линија на која ќе се следи неговото движење, како и да се добие реална слика за бројот на патниците по категории.

 

Министерот Ивановски потенцираше дека реализацијата на овој проект претставува уште еден чекор напред во креирањето на Скопје како паметен (смарт) град, како што е примерот со многу светски метрополи.

 

„Безбедноста на податоците во дата центрите е на најголемо можно ниво според сите стандарди за безбедност. Електронските картички се исклучително сигурни и гарантираат непречено секојдневно користење.„ – рече Ивановски.

 

„Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 380 автобуси на ЈСП - Скопје, а 120 на приватни превозници. Граѓаните ќе можат еден билет да користат за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП. На автобуските стојалишта ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две места во Градот со користење на јавниот превоз.„- рече градоначалникот Трајановски.

 

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје, Игор Јанушев, потенцираше дека на граѓаните им се нудат два типа на картички: Скопска (пренослива картичка без фотографија) и Моја Скопска ( сопствена картичка со фотографија). Тој истакна дека граѓаните ќе можат овие картички да ги набават од осум центри: Бит-пазар, Центар, Порта Влае, Аеродром, Карпош 2 и дирекција на ЈСП (Шумарски факултет и Транспортен центар), ќе имаат на располагање 60 локации за дополнување на картичките, а ќе се постават и 3 самостојни автомати за дополнување на картичките.

 

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација