Естонска компанија во потрага по бизнис партнери во Македонија

Скопје, 15 октомври 2015 година

Во рамки на активностите на Владата на Република Македонија за отворање нови работни места и привлекување на странски инвестиции во март 2015 година тогашниот министер Иво Ивановски во Министерството за информатичко општество и администрација оствари посета и презентација пред ИТ компаниите во Талин, Естонија.На презентацијата беа покажани можностите за инвестирање во Македонија, како и потенцијалната деловна соработка на ИТ компаниите, како една од можностите за проширување и отворање на пазарите. По остварени средби во Естонија, деновиве Министерството за информатичко општество и администрација беше домакин и организираше работни средби меѓу естонската компанијата 'NetGroup' и претставници на повеќе македонски софтверски компании.

 

Членовите на бордот на директори на компанијата од 'NetGroup', Андерс Абел и Раиго Раид, потенцираа дека причината поради која одлучиле да се интересираат за соработка со ИТ компании од Македонија се одличните технички и кадровски потенцијали што ги поседуваат компниите од Македонија. На средбата со заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, тие го пренесоа задоволството од понудата на македонските софтверски компании, нагласувајќи дека нивните очекувања се исполнети, бидејќи запознале компании кои се вистински мотивирани за соработка и кои имаат добри продукти во своето портфолио.

 

,,Во изминатите три дена организиравме состаноци со стопанските комори и повеќе софтверски фирми кои го презентираа тоа што би го очекувале доколку се оствари меѓусебна соработка. Нашите компании покажаа заинтересираност и подготвеност, така што сега останува да ги финализираат деталите за понатамошната соработка,,- рече Арсовска Томовска, поканувајќи ги и другите македонски компании кои работат на Microsoft платформи да се пријават во министерството кое ќе им овозможи да стапат во контакт.

 

Таа додаде дека Естонија е светска сила во развојот на софтверски апликации во последните години и со оглед на обемноста на работата, софтверските фирми бараат квалитетни бизнис партнери надвор од нивната земја, особено во однос на нивната потреба за добри инженери кои работат на развој на софтверот.

 

За време на посетата на Македонија, членовите на бордот на директори на естонската компанија одржаа работни состаноци со повеќе македонски софтверски компании, а естонските искуства од областа на е-судството, ги пренесоа и на презентацијата што ја одржаа за време на работниот состанок во Министерството за правда.

 

Инаку, компанијата 'NetGroup' е основана во 1999 година со седиште во Талин и е една од поголемите ИТ компании во Естонија, а од 2012 година се партнери на Microsoft. Имаат своја канцеларија во Финска, а нивните програми ги извезуваат и во Шведска, Оман и Северен Ирак. Креираат софтвер за естонската Влада, имаат добар продукт во делот за наплата, а во нивната земја го имаат имплементирано и електронското судство (е-судство.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација