Конференција за интероперабилност во дигитална Европа

Скопје, 26 октомври 2015 година

Во рамките на проектот „Поддршка на државната служба и реформите во администрацијата„ денеска се одржа "Конференција за интероперабилност во дигитална Европа", која е во организација на Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за економска соработка и развој на Австрија.

 

На настанот се обратија заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска и амбасадорот на Австрија во Македонија, Рената Коблер, а свои излагања имаа и експерти од оваа област.

 

„Проектот „Поддршка на државната служба и реформите во администрацијата„ започна на 1 декември 2014 година, и предвидено е да трае 12 месеци. Тој се спроведува во партнерство со Агенцијата за економска соработка и развој, а финансиран е од Европската Унија според првата компонента од Инструментот за претпристапна помош (ИПА): Транзициска помош и институционална надградба (ТАИБ).„- рече во обраќањето Арсовска Томовска.

 

Главната цел е да се развие и спроведе механизам за поврзување на сите постоечки и идни процеси, системи и информации во јавната администрација во Република Македонија, како и да се дадат препораки за одржлив регистар на населението. Тој претставува сериозен придонес кон понатамошното подобрување на квалитетот на административните услуги за граѓаните и за бизнисите, како и кон развивањето на алатки за е-влада.

 

„Проектот е структуриран во пет работни пакети: Развој на Македонски компендиум за интероперабилност, Прва препорака за развивање на модерен регистар на населението, Изработка на правна рамка за поддршка на спроведувањето на Компендиумот за интероперабилност, Студиска посета за градење на капацитетите во однос на прашања поврзани со интероперабилноста во Виена, Организација на неколку состаноци со засегнати страни.„- додаде Арсовска Томовска.

 

Според неа, реформата на јавната администрација е одредница и приоритетна област на Владата на Република Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Клучната цел на реформата е прераснување на администрацијата во ефикасен и транспарентен сервис за граѓаните, економските субјекти и другите правни лица, кој ќе обезбеди остварување и заштита на правата на граѓаните, како и партнерство со цивилниот и бизнис секторот.

 

Австриската амбасадорка Рената Коблер истакна дека во Австрија е развиена стратегија за е-влада и постои платформа т.н. дигитална Австрија, а главната цел е секој граѓанин на Австрија да може да ги користи функционалностите на е-влада на сите нивоа и во секое време.

 

На отворањето на сесијата се обратија и Лукас Холуб, раководител на одделот за политички прашања , правда и внатрешни работи; информации и комуникации при Делегацијата на ЕУ и Кристијан Руп од федералната влада на Австрија, проект лидер од земјата членка. За интероперабилноста и активностите кои се преземаат на тој план говореа Игор Црвенов и Филип Маневски од Министерството за информатичко општество и администрација.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација