Одржана работилница за квалитет на податоци во системите на државните институции

Скопје, 13 ноември 2015 година

Во рамки на проектот „Стандарди за Квалитет на податоци во системите на државните институции“, Министерството за информатичко општество и администрација денеска организираше целодневна работилница на која учествуваа членови од меѓу-институционалната проектна група. Работилницата имаше за цел да ги утврди и опише критериумите за квалитет на податоци, да посочи процес за креирање и одржување на квалитетни податоци преку различни механизми, како и да дефинира стандарди за основните податоци кои се чуваат во регистрите на институциите.

 

Проектот опфаќа дефинирање и развој на стандарди за квалитетни податоци во информациските системи на државните институции, кои ќе се однесуваат на сите институции. Како основа се користат досегашните секојдневни искуства од нивното работење, проблемите со кои се сретнуваат и добрите практики од локално и меѓународно ниво, но и потребите за идната размена на податоци и докази по службена должност по електронски пат.

 

Функционирањето на државните институции, посебно во делот на давање на услуги спрема граѓаните и деловните субјекти опфаќа и процес на внесување, чување, обработка, доставување и размена на податоци. Квалитетот на услугата што ја даваат државните институции, во голема мера зависи од квалитетот на податоците кои тие ги поседуваат. Со новите ИТ технологии каде што складирањето на податоците се врши во бази на податоци или други видови на електронска форма се наметнува прашањето за квалитетот на податоците во електронска форма.