Арсовска Томовска на конференција во Париз за реформи на администрацијата

Париз, 4 декември 2015

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на министерската конференција на високо ниво во Париз, на тема: ,,Предизвици во реформите на јавната администрација , во земјите од Западен Балкан". Во своето обраќање таа се осврна на досегашните искуства поврзани со процесот на спроведувањето реформи во Република Македонија во однос на јавната администрација и идните планови на тоа поле.

 

,,Европскиот извештај од минатиот месец констатира дека е направен напредок во однос на законодавството и испораката на услуги за граѓаните и бизнисите. И извештајот на ,,Сигма-ОЕЦД" за принципите на јавната администрација ги констатира тие напредоци, но во исто време ни дава поширока перспектива за тоа, каде сме во моментов и кои цели треба да ги постигнеме. Во овој контекст, многу е важно да се нагласи дека првиот целосен циклус на реформски процес во Република Македонија ќе биде заокружен овој месец, кога ќе биде комплетирана првата Национална стратегија за реформа на јавната администрација 2010-2015. Извештајот за имплементацијата кој ќе биде изработен на почетокот на идната година, ќе го покаже квалитетот на претходното стратешко планирање, нивото на имплементирање на Стратегијата и како таа придонела за постигнување на европските стандарди за квалитетна администрација", рече Арсовска Томовска, додавајќи дека овој извештај и останатите на ,,Сигма-ОЕЦД", ќе послужат како основа за поставувањето на клучните стратешки приоритети и подготовка на наредната петгодишна стратешка рамка.

 

Таа посочи дека законската рамка на реформата во јавната администрација е заокружена со новите закони како што се Законот за општа управна постапка, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, кои откако целосно ќе се имплементираат во пракса, ќе доведат до значително зголемување на ефикасноста на јавната администрација во корист на јавниот интерес и интересот на граѓаните. Министерот Арсовска Томовска оствари контакти и средби со учесниците од регионот, како и со претставници на заедничката иницијатива на Организацијата за економска соработка и развој и Европската Унија „СИГМА“.

 

На конференцијата свои обраќања имаа и заменик-генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Мари Кивиниеми, Сајмон Мордју- директор во директоратот за проширување на Европската Комисија и Карен Хил- директорка на СИГМА(ОЕЦД и ЕУ), кои говореа на теми како што се: главни реформски предизвици за земјите, достигнувања и предизвици, презентација на добрите реформски практики.

 

Оваа дводневна конференција во Приз е продолжение на минатогодишната, одржана во Брисел, посветена на зајакнувањето на реформите во јавната администрација во процесот на проширување, на која беа претставени принципите на јавната администрација.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација