Обраќање на Арсовска Томовска на работилница за безбедност и слобода на новинарите

Скопје, 10 декември 2015 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска се обрати на работилницата на тема: „Безбедноста и слободата на новинарите на Македонија“, организирана од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), а по повод Светскиот ден на човековите права.

 

Посочувајќи го фактот, дека медиумите ја имаат клучната улога во остварувањето на слободата на изразување и придонесуваат во развојот на демократските процеси , Арсовска Томовска потенцираше дека, само високо квалитетно и професионално новинарство обезбедува слободни и транспарентни медиуми, одговорни кон јавноста. Притоа, се осврна на потребата од поддршка и заштита на новинарите и нивните права, но и на почитувањето на професионалните и етички стандарди во новинарството, бидејќи како што рече, новата технологија овозможи нови начини за ширење на содржините во пошироки размери, по значително пониски цени и за жал, професионални стандарди.

 

Според неа, континуирана широка јавна дебата за слободата на изразување е повеќе од потребна и во таа смисла Собранието на Република Македонија треба по пат на јавна расправа на годишно ниво да усвојува заклучоци за слободата на медиумите, согласно препораките за индикатори и основни принципи на Советот на Европа.

 

,,Од суштинска важност е во процесите на донесување на медиумска легислатива да се обезбеди транспарентност со вклученост на сите релевантни субјекти”, рече Арсовска Томовска, потсетувајќи дека постоечката медиумска легислатива е донесена по пат на широка јавна расправа со учество на меѓународни експерти на Европската Унија, Советот на Европа и ОБСЕ, кои оценија дека медиумските закони се целосно усогласени со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди. Таа ја истакна и потребата од ефикасна саморегулација.

 

,,Ефикасната саморегулација е вистинскиот механизам за да се заштити и развива високо квалитетното и професионално новинарство. Eфикасна саморегулација значи самoрегулација која е комплементарна на националното законодавство, почитувана и спроведувана од сите релевантни субјекти и усогласена со Европските препораки и стандарди”, рече Арсовска Томовска, потенцирајќи дека со заедничка заложба на сите страни кои ќе имаат транспарентен, недискриминаторски и партнерски меѓусебен однос со континуиран дијалог, може да се обезбеди слободно, квалитетно и професионално новинарство.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација