Успешно спроведен проектот за набавка на опрема за интероперабилност

Скопје, 10 декември 2015 година

Во просториите на ЕУ Инфо центарот, денеска беше организиран настан по повод успешното спроведување на проектот: Добавување на опрема за платформа за интероперабилност во Министерството за информатичко општество и администрација, финансиран од ЕУ.

 

Во рамките на овој проект, преку платформата за интероперабилност, поврзани се 15 институции и интегрирани се повеќе од 60 сервиси за размена на податоци помеѓу институциите. Се работи за проширлива и модуларна платформа, која овозможува вклучување на нови институции и интегрирање на нови сервиси за размена на податоци, на брз и едноставен начин, без никакви ограничувања во бројот на институциите и бројот на сервисите. Во таа насока, платформата за интероперабилност во перспектива, ќе овозможи поврзување на сите државни институции во Република Македонија на единствен начин, користејќи ги пропишаните стандарди, процедури и насоки за интероперабилност.

 

Како дел од проектот, за 15те институции, како и за централната локација е обезбедена напредна хардверска опрема, која ќе обезбеди непречено функционирање на платформата за интероперабилност во годините што следат. Платформата за интероперабилност е усогласена со Македонската националната рамка за интероперабилност, која ги следи најдобрите практики од Европската унија и е развиена со поддршка на Европската Унија.

 

Со користење на платформата на интероперабилност се олеснува размената на податоци помеѓу институциите. Непречениот проток на информации, ќе го скрати времето потребно за пренос на информациите помеѓу државните институции, а на тој начин ќе придонесе институциите да го скратат времето потребно за обезбедување подобри јавни услуги прилагодени за потребите на граѓаните и бизнисите. Платформата за интероперабилност претставува основа за градење на е-услуги спрема граѓаните и бизнис заедницата, а со тоа и основа за градење на Национален портал, од кој најголеми придобивки ќе имаат граѓаните на Република Македонија.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација