МИОА доби плакета за поддршка и партнерство во проект на УСАИД

Скопје, 12 декември 2015 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска присуствуваше на завршниот настан на Проектот за унапредување на инвестирањето и извозот (IDEAS), финансиран од УСАИД. По тој повод, на Арсовска Томовска и беше врачена плакета со која му се оддава признание на Министерството, за континуираната поддршка и партнерство во проектот.

 

Во изминатите пет години од своето делување, проектот во партнерство со релевантни субјекти работеше на зајакнување на капацитетите на владините институции и бизнис секторот, преку подобрување на јавно-приватниот дијалог. Министерството за информатичко општество и администрација беше една од клучните институции со кои проектот успешно соработуваше, во чии рамки беа спроведени низа активности како надградба на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи, обуки и работилници во делот на проценката на влијанието на регулативата и користењето на ЕНЕР, кои обезбедија јакнење на капацитетите на државните службеници во министерствата, како и поврзување и тесна соработка со претставниците од стопанските комори и невладините организации.

 

Благодарение на овој партнерски однос со УСАИД, ЕНЕР денеска претставува квалитетен софтверски систем наменет за успешно информирање и консултации со засегнатите страни, поддржан од обучени државни службеници. Една од најголемите придобивки од новиот ЕНЕР е неговата интеграција со мултиплатформскиот систем за колаборација за е-Седница, со што се оневозможи доставување на предлог-закони за разгледување во владина постапка, доколку претходно текстот на предлог-законот не е објавен на ЕНЕР.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација