Завршна конференција по повод затворањето на твининг проект финансиран од ЕУ

Скопје, 16 декември 2015 година

Денеска се одржа завршната конференција по повод затворањето на твининг проектот „Поддршка на реформите во државната служба и јавната администрација“, на која Министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска имаше воведно обраќање.

 

Целта на овој проект беше да се развие механизам за поврзување на сите постоечки и идни процеси, системи и информации во јавната администрација во Република Македонија, како и да се дадат препораки за идниот Регистар на население.

 

,,Се работи за навистина успешен проект на Министерството за информатичко општество и администрација спроведен во партнерство со австриската Агенција за економска соработка и развој. Проектот претставува сериозен придонес кон понатамошното подобрување на квалитетот на административните услуги за граѓаните и за бизнисите, како и кон развивањето на алатките за е-влада”, рече Арсовска Томовска, упатувајќи благодарност и до Европската унија, која преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) го финансираше проектот во времетраење од 12 месеци. Проектот се базира на две главни компоненти: Компендиум за интероперабилност и препораки за идниот Регистар на население.

 

,,Доколку квалитетот на податоците е добар и квалитетен, регистарот на население би можел во иднина дури и да го замени пописот, каков што е случајот со неколку европски земји. Регистрите на население имаат уникатен карактер од земја до земја и со тоа даваат основа не само за ефикасно обезбедување на услугите од јавниот сектор, туку и за подготовка на избирачки списоци, попис и демографска статистика”, рече Арсовска Томовска.

 

Во практичната имплементација на овој твининг проект, освен австриски експерти и вработени во МИОА кои остварија видливи резултати во меѓусебната соработка, активно вклучени беа и претставници на министерствата, агенциите и други јавни институции. На завршната конференција се обратија и шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, како и Кристијан Руп од федералната влада на Австрија.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација