Реакција на МИОА

Скопје, 17 декември 2015 година

Министерството за информатичко општество и администрација има широко портфолио на надлежности кои вклучуваат развој на информатичко општество и електронски комуникации, медиумска регулатива и реформа на јавна администрација. Почнувајќи од 2011 година, од кога министерството има надлежност за јавната администрација, до денес, како никогаш досега, преземени се сериозни активности во делот на реформата на јавната администрација. Изготвени беа современи законски решенија во однос на управувањето со човечките ресурси и воведувањето на целосен мерит систем, како и унапредувањето на управните постапки, се со цел воспоставување на ефикасен систем на јавна служба и унапредување на јавните услуги. Овие законски решенија беа изработени со поддршка на Европската Комисија и Сигма и истите беа позитивно оценети во последниот извештај за напредокот на Република Македонија. Она на што во моментот сме посветени е доследна имплементација на овие закони, нешто на што инсистираат нашите европски партнери, при што една од препораките од извештајот на Прибе во однос на јавната администрација беше токму ригорозната имплементација на новите закони.

 

Оттука, несериозни се сите обиди за девалвација на активностите на реформата на јавната администрација и дефокусирањето на јавноста, а особено на вработените во администрацијата од суштината на реформскиот процес. Иако во периодот од февруари оваа година до денес се изнесоа многу невистини околу тоа дека со новите закони се има намера да се врши притисок врз вработените и истите неосновано да се казнуваат, би сакале да истакнеме дека до денес никој не е избркан од работа или пак казнет заради ново предвидените законски решенија, односно ниту Министерството ниту владата никогаш не се залагале за бркање на постојните вработени “по список од хигиеничар до министер”, ниту пак за „јадење на живи луѓе“.

 

Министерството и во иднина како и досега, ќе продолжи да се грижи за угледот и достоинството на вработените и нема да дозволи никаква злоупотреба на нивниот интегритет за дневно-политички цели. Упатуваме апел до дополнителниот заменик Кирацовски, кој е дел од Министерството, и кој сноси подеднаква одговорност за успешната имплементација на реформските активности, да престане да ги заплашува а потоа и да ги спасува вработените, туку напротив, да даде конструктивен придонес во работата на Министерството.

 

Министерство за информатичко општество и администрација