Работен состанок за реализација на итните реформски приоритети во однос на европските интеграции.

Скопје, 21 декември 2015 година

 

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска одржа работен состанок со Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Бесими. Состанокот беше посветен на планот активности за реализација на итните реформски приоритети во однос на европските интеграции, а во рамки на иницијативата ,,Институционални посети” на Секретаријатот за европски прашања.

 

,,Од сите реформски приоритети нашето Министерство е надлежно за две теми: реформата на јавната администрација и медиумите. И во извештајот за напредокот и во препораките на Прибе забележано е дека од нас се бара ригорозна имплементација на новата законска рамка за јавна администрација", рече Арсовска Томовска, додавајќи дека на работниот состанок ќе се разговара за процесот на имплементација на новата законска рамка, како на пример подигнувањето на Агенцијата за администрација во еден сосема нов модерен центар за селекција на кандидати за вработување.

 

На состанокот беше истакната потребата, институциите во најбрз можен рок да ги донесат актите за внатрешна организација и систематизација на работните места, а понатаму да го полнат единствениот софтвер за управување со човечки ресурси со податоци за самите институции:

 

,,Овој систем ќе биде еден од најголемите вакви системи, т.н. Регистар на јавниот сектор кој освен податоците за вработените ќе опфаќа и податоци за институциите, за нивната организациска поставеност, за платите на вработените, трансфер листа, за мерење на ефектите итн.", рече Арсовска Томовска.

 

Тема на разговор беше и областа на медиумите, како што се начините за унапредување на работата на радиодифузниот сервис, зајакнувањето на неговите капацитети и потребата од донесување кодекс на професионални стандарди. Исто така, беше потенцирана заложбата за континуиран дијалог со новинарските и медиумските здруженија, во врска со сите иницијативи во оваа сфера.

 

На работниот состанок, освен членови на работните групи и целото раководство на министерството, учествуваа и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски, Ромео Деребан, директор на Државен управен инспекторат како и Жаклина Николовска, директор на Агенцијата за администрација.

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација