Алокејт Софтвер ја проширува работата во Македонија

Скопје, 28 јануари 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска оствари средба со Иан Бишоп, директор на ,,Алокејт Софтвер" (Allocate Software), кој ги презентираше идните планови на оваа британска компанија за проширување на својата работа преку отворање втора канцеларија во Скопје и вработување нови ИТ кадри.

 

Бишоп потенцираше дека во нашата земја има многу талентирани и квалитетни кадри од областа на информатичката технологија кои сакаат да работат и напредуваат, и при тоа го изрази задоволството од досегашната соработка.

 

Компанијата Алокејт Софтвер со седиште во Лондон има свои канцеларии во Австралија и Шведска и е водечки давател на услуги за специјалистички софтвер за оптимизација на работна сила; меѓу другото се е занимава со софтверски решенија од областа на здравството.

 

Министерот Арсовска Томовска од своја страна го поздрави присуството на оваа компанија во Република Македонија која на младите кадри им овозможува да стекнат нови знаења и искуства, а со тоа и да станат поконкурентни на пазарот.

Таа во исто време ја истакна заложбата на Министерството и Владата во насока на создавање квалитетен ИТ кадар и воспоставување стандарди и вредности кои ќе бидат препознаени во светот.

 

Компанијата ,Алокејт Софтвер" започна со работа во Република Македонија во март минатата година. Нивната нова канцеларија се очекува да биде отворена во месец март оваа година.

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација