Реакција на МИОА

Скопје, 09 февруари 2016 година

Почитувани, Во врска со прес конференцијата на дополнителниот заменик на министер Александар Кирацовски, не сум запознаена со содржината на истата, но доколку навистина има наведено дека сум забранила да му доставуваат податоци и дека сум забранила умножување на истите би сакала да истакнам на 08.02.2016 година доставив известување до сите вработени, кое е доставено и до дополнителниот заменик на министер со кое ги известив вработените да запрат со издавање на било какви документи кои содржат лични податоци, а во кое известување, а со цел да се почитуваат одредбите од Законот за Владата на Република Македонија им укажав на вработените по претходна достава на мене лично да му овозможат пристап до сите документи кои може да ги разгледува но не и да ги умножува, при што вработените имаат единствено насока да направат службена белешка во која ќе наведат кои документи се умножени.

 

Ова мое известување следуваше откако на една од прес конференциите која ја одржа дополнителниот заменик на министер на 07.02.2016 година, во недела (неработен ден), надвор од просториите на министерството, во присуство на лица кои не се вработени во министерството, а без присуство на лицата кои се задолжени со предметите, презентирани се службени документи, кои содржат лични податоци за вработени во други институции, а потоа истите се дистрибуирани до медиумите.

 

Со оглед на фактот што заштитата на личните податоци е загарантирана со член 18 од Уставот на Република Македонија и со Законот за заштита на личните податоци, со цел да не бидат сторени повреди на законските одредби од Министерството за чија што работа одговарам јас како раководно лице на институцијата, морав да преземам мерки кои би предизвикале било какви несакани последици.

 

Во врска со умножувањето на документи од архивата на министерството, би сакала за Ваша, но и за информација на пошироката јавност да истакнам дека со Законот за архивски материјал се уредува постапувањето со документарниот и архивскиот материјал, при што во член 19 алинеи 1 и 2 од тој закон покрај другото е пропишано дека имателот на архивски и документарен материјал (во конретниот случај Министерството за информатичко општество и администрација) е должен да го заштитува, чува и одржува архивскиот и документарниот материјал во изворна и безбедна состојба да не се оштети, исчезне или уништи, како и да го користи архивскиот и документарниот материјал согласно со закон и други прописи или општи акти.

 

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, без разлика на бројот на прес конференции кои дополнителниот заменик на министер ќе ги држи, јас како министер нема да дозволам институцијата со која раководам да работи спротивно на одредбите од законските прописи во Република Македонија, ниту пак ќе дозволам заради евтин политички маркетинг и за демонстрација на лажна загриженост да бидат злоупотребувани податоците и да биде нарушен личниот интегритет на било кој вработен во јавниот секотр, а верувам дека ќе се согласите дека не е согласно ниту еден закон, документарниот или архивскиот материјал да се користи за партиски прес конференции.

 

 

 

Со почит,

 

Министер за информатичко општество и администрација

 

Марта Арсовска Томовска