Пуштен во употреба сервисот за проверка на записи во базата на вработени во јавниот сектор

Скопје, 18 февруари 2016 година

На конференцијата за печат на 12 февруари 2016 година Министерството за информатичко општество и администрација го објави вкупниот број на лица вработени во институциите на јавниот сектор, кој заклучно со истиот датум изнесува 127.139 вработени.

Денеска, како што најавивме, официјално е пуштен во употреба сервисот за проверка на записи во базата на вработени во јавниот сектор, која ја води Министерството за информатичко општество и администрација.

 

Секој вработен во било која институција на јавниот сектор, освен вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Агенцијата за разузнавање, за кои согласно закон Министерството за информатичко општество и администрација не води евиденција, туку само вкупен број на вработени, може да пристапи на веб локацијата https://proverkaregistar.hrm.gov.mk, да го внесе на својот матичен број и безбедносниот код и да провери дали за него се води евиденција во базата на вработени во јавниот сектор.

 

Целта на ваквиот сервис е транспарентно и отчетно работење на Министерството, зголемување на довербата на јавноста во ефикасноста и ажурноста на Министерството да обезбеди точни податоци за бројот на вработени во јавниот сектор, како и отстранување на сите сомнежи и шпекулации околу вкупниот број на вработени во јавниот сектор.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација