Арсовска Томовска на Светскиот конгрес за мобилни технологии во Барселона

Барселона, 23 февруари 2016 година

Делегација предводена од Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска на 22 и 23 февруари учествуваше на Министерската конференција што се одржува во рамки на Светскиот конгрес за мобилни технологии во Барселона. Веќе 11-та година по ред, Министерската програма претставува влијателен форум на кој се собираат високи меѓународни претставници кои дискутираат за бројни прашања поврзани со мобилната индустрија.

 

Арсовска Томовска имаше можност да оствари средби и размени искуства со свои колеги министри за телекомуникации и други високи претставници, при што ѝ беа презентирани решенијата на повеќе светски вендори за имплементација на проектите "Владин облак" и "112". Министерот Арсовска Томовска учествуваше и на неколку панел дискусии како што се: 'Развојни рамки за приспособување на постоечките и идни пазарни промени' и ' Мобилниот телефон како основа за дигитален идентитет', на кои меѓу другото се разговараше за поставувањето на нови регулаторни цели со оглед на идните пазарни побарувања, како и предизвиците и можностите кои се поврзани со новата реалност, односно дигиталниот идентитет. Делегацијата исто така присуствуваше на сесијата со основачот и сопственик на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Цукерберг, кој имаше едночасовно обраќање на тема во врска со иднината на технологијата како и плановите поврзани со Фејсбук.

 

Инаку, најголем акцент од новите технологии на светскиот мобилен конгрес е ставен на 5G и примената на супер брзиот интернет во градовите на иднината. Новите достигнувања во областите на вештачката интелегенција и виртуелната реалност се исто така претставени од сите поголеми светски вендори, а се смета дека камерите од 360 степени наскоро ќе ја најдат својата примена во секојдневниот живот.

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација